Овие четири дена колку што е техничката влада имам комуникација со министерот Ѓоко Велковски и таа комуникација е во ред. Важно е да си течат работите затоа што тоа е во интерес на граѓаните. Во врска со посетата на министерот на Куманово, би рекла дека работите се евидентни – социјално се згрижени сите граѓани, социјалната помош е зголемена, а ако тој вели поинаку тогаш треба да се лаже себеси, вели сега заменичка на МТСП во техничката влада Јованка Тренчевска во СТУДИО 10 на ТВ 24.

– Семејството за кое станува збор е многудетно и месечно добива над 30 илјади денари во вид на различни надоместоци. Јас не велам дека е тоа доволно, но е повеќе од 8 илјади денари како што беше порано, вели Тренчевска додавајќи дека сега е воведен детски додаток за децата кои се школуваат.

Тренчевска вели дека и премиерот на Црна Гора го пофалил нашиот систем на социјална заштита и побарал да појде тим да им помогне да го воведат. Таа додава дека социјална помош за едно лице е 6000 денари, а порано беше 2000 денари, гарантираната минимална помош за многудетно семејство сега е 16.000 илјади и ја следни инфлацијата. Освен тоа има права на социјална и детска заштита воведени со реформата која сега ВМРО-ДПМНЕ ја критиува, вели Тренчевска и додава дека се воведени услуги кои им се достапни и на возрасни лица на кои им треба помош и нега.

– Ние воведовме раст на минималната плата која изнесува 22.500 денари и зголемување на минимална пензија. На 100 отсто е зголемена минималната пензија. Потрошувачката кошничка во октомври 2013 беше околку 46 илјади денари, 2,2 просечни плати се доволни за покривање на потрошувачката кошничка. Денес имаме 38.500 просечна плата со тенденција да расте, вели Тренчевска.

Тренчевска вели дека Владата не ги зголемила функционерските плати туку дека тоа го направил Уставниот суд со укинување на одредбата за замрзнување на функционерските плати. Владата ги има зголемено другите плати околу 80 отсто.

– Околу 1200 функционери кои земаат зголемена плата се од опозицијата – пратеници, градоначалници, судиите од тевтерчињата, вели Тренчевска.

Во 2009 година процентот на сиромаштија беше 49%, а во 2019 година се симна на 19%, вели Тренчевска и додава дека да не беа кризите ќе имаше поголемо намалување на сиромаштијата. Таа потсетува дека досега има девет пакети на антикризни мерки за најранливите што покажува дека се работи системски за подобрување на стандардот на граѓаните.