Тројца од четворицата малолетници кои во петокот беа примени на Клиниката за токсикологија во тешка состојба, денеска најверојатно ќе бидат пуштени дома.
Директорот на Токсикологија, Андон Чибишев вели дека децата се со подобрени параметри, свесни се и подвижни.
-Тројца од малолетниците согласно лабораториските анализи и нивната здравствена состојба веројатно денеска ќе си заминат дома. За четвртиот малолетник, кој воедно беше во најтешка состојба, се уште анализите не задоволуваат за да биде пуштен. И неговата состојба е стабилна и подобрена, вели Чибишев во изјава за Курир.
Спроведените анализи потврдиле дека кај малолетниците имало присуство на два вида лекови и психоактивни супстанции.
МВР и ОЈО излегоа со информации за тоа што се случувало со децата во куќата во Скопје. Имено, сопственикот на куќата Д.Ѓ. (40) бил во пријателска врска со роднина на еден од малолетниците со кој се познавал. Кобната вечер тие дошле кај него.
Во текот на вечерта од страна на Д.Ѓ. на четирите малолетни лица им било понудено и овозможено консумирање на одредени медикаменти. Тој извадил лекови кои ги користел за одвикнување од зависност од алкохол и кои им ги понудил на малолетниците да ги испијат за подобро расположение.
Со тоа, малолетните лица се довеле до полусвесна состојба, со неконтролирано однесување, при што искршиле дел од инвентар во дневната соба во која престојувале, и при тоа се здобиле со повреди.
Лицето се товари за Тешки дела против здравјето на луѓето, според член 217 став 1 од Кривичниот законик, а во врска со член 212 став 1, како и за кривично дело – Излагање на опасност според член 134 став 1 од Кривичниот законик.