Николов до Милошев: Го уништивте јавното здравство, го бркате медицинскиот персонал, арогантно ја терате процедурата за нов клинички центар…..

Кои се работните групи за новиот клинички центар, кои се групите кои работат? Очигледно ги немате. Имате ли испитување на земјиштето каде треба да се гради новиот клинички центар и уште низа други истражувања, немате. Многу арогантно се тера целата процедура за новиот клинички. Има тендер и истиот го спори една компанија дека има ограничување на конкуренција, имате сега тендер за нов клинички за кој се покажа дека е спорен, рече доктор Игор Николов, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на дебатата на една телевизија на која учествуваат и доктор Арбен Таравари и доктор Владимир Милошев, државен секретар во министерството за здравство.
Николов говореше за заминување на медицинскиот персонал, за хаосот во терциерното здравство, за пропаднатиот концепт на јавно приватно партнерство и слично.
„Пропадна и јавно приватното партнерство за детска кардиохирургија, со тоа е направено само да бегаат докторите од јавно во приватно здравство“, рече Николов.
Тој спомена и за случаи на конфликт на интереси како што е случајот со претседателката на Лекарска комора која е и директорка на Клиниката за гастроентерохепатологија, Калина Гривчева Старделова.
„За да се подобрат состојбите во здравството треба да се работи, а за тоа е потребно реализирање на ветеното. Не треба да не ни се случуваат апсурдни ситуации министерот да протестира наместо да ги средува проблемите во здравството“, рече Николов.