Уставниот суд вчера не поведе постапка по иницијативата за укинување на КОВИД сертификатите. Во сила остануваат истите мерки, а надлежните остануваат на ставот граѓаните да ја примат и третата доза вакцина против КОВИД-19 како најдобра заштита од вирусот. Засега нема влошување на епидемиолошката состојба во државата.
Уставниот суд на вчерашната седница не поведе постапка по иницијативата поднесена на Одлуката на здравствените власти со која се забранува влез во објекти и делови од објекти наведени во одлуката, без поседување и приложување на сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примена најмалку прва доза од вакцина против заразната болест КОВИД-19 и сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.
Судијата известител Вангелина Маркудова на седницата рече дека наводите во иницијативата се неосновани, бидејќи Одлуката на здравствените власти е разумна и е донесена за општо добро поради пандемијата со КОВИД-19, врз основа на препораките на СЗО. И судијата Дарко Костадиновски се согласи дека Одлуката на здравствените власти е разумна, легитимна и е за општото здравје на граѓаните.
Спорно за подносителот на иницијативата Николче Марушевски, меѓу другото било ограничувањето на движењето.