Со имунизација на граѓаните се очекува да се почне во почетокот на ноември. За Скопје се обезбедени 4.000 дози вакцини, за Куманово илјада вакцини. Плус од оваа бројка се 28.000 дози што, според најавите на Министерството за здравство, годинава ќе бидат обезбедени за пензионери постари од 65 години кои се со просечна и потпросечна пензија, како и за корисниците на социјална помош. Овие вакцини за припадниците на ранливите категории ќе бидат бесплатни, а другите се за комерцијална употреба и граѓаните кои сакаат да се заштитат од грип ќе треба да ги купат, вели д-р Александар Стојанов, шеф на одделот за епидемиологија во Центарот за јавно здравје – Скопје.
За пензионерите од Битола, Прилеп, Охрид и Велес се резервирани 8.000 дози, а за Скопје ќе има 13.000 бесплатни вакцини. На прашањето зошто оваа година малку подоцна ќе започне вакцинацијата, од Центарот појаснуваат дека причина биле процедурите во Законот за јавни набавки.
– Вакцините сѐ уште не се набавени бидејќи ни пропаднаа два тендерa за набавка, па сега се оди со непосредна спогодба. Има двајца понудувачи, па зависно од тоа со кој ќе се склучи договорот, вакцините ќе бидат или од францускиот „Санофи Пастер“ или од белгиски производител. Штом по увозот ќе заврши контролата на квалитетот, ќе може да се почне со имунизација против грип и во Скопје и во другите градови – вели д-р Стојанов.
Зошто има само 4000 дози за Скопјани, кога повеќе од јасно е дека во Скопје има повеќе од 500 илјади регистрирани жители. Каде е Филипче да каже на кој начин ги дели граѓаните на Скопје и по кој основ кој ќе добие а кој нема вакцина? Кога министерот ќе даде образложение за тоа, како и зошто имунизацијата оваа година доцни, тендерот во 4-ри очи не беше направен порано или има друга причина?