Без традиционалните обичаи карактеристични и специфични за одредени делови на Грција, без посета на црквите, со зголемени безбедносни мерки, со построги казни за прекршувачите, Грците оваа година Воскресението Христово ќе го прослават дома, следејќи ги на телевизија свечените богослужби.
На Крф нема да се кршат традиционалните стомни, на Хиос нема да има „војна со ракети“ , ниту „војна со картонските цевки со барут“ во Каламата, светиот оган од Израел денеска ќе пристигне во Грција, но ќе остане во Атина и нема да биде пренесен во сите делови на земјата, граѓаните нема да ги посетат нивните села и викендички како што традиционално го прават секоја година за Велигден, а „Христос Воскресе“, ќе го чујат од малите екрани, Грците, како и сите православни Христијани кои денеска празнуваат, поразлично ќе го одбележат големиот празник, јави дописничката на МИА од Атина.
Главната порака, што грчката Влада континуирано ја повторува е граѓаните денеска да „останат дома“, а за да се спречи било каква зголемена раздвиженост што би можела да предизвика дополнително ширење на коронавирусот, зголемени ќе бидат безбедносните мерки, контролите на полицијата, но и построги казни.
Од 21 часот вечерва до понеделник на полноќ, казната од 150 евра за прекршувачите на рестриктивните мерки двојно се зголемува, а сопствениците на возила може да се соочат со одземање на регистарските таблици.
Паралелно, особено строги ќе бидат контролите за оние кои го користат исклучокот од забраната за движење што се однесува на грижа на стари лица.
Во исклучоците од рестриктивните мерки за превенција од ширењето на коронавирусот што се во сила од 23 март 2020 година, не се предвидува посета на црква, а литургиите во светите храмови во цела Грција се зад затворени врати. Грчките телевизии од вчера, во живо ги пренесуваат богослужбите од различни цркви, а истото ќе го сторат и вечерва на полноќ.
На телевизија, Грците ќе го проследат и пристигнувањето на Светиот оган од Ерусалим, планирано за попладневните часови. Оваа година, како што изјави заменик –министерот за надворешни работи на Грција Константинос Власис, Светиот оган, ќе се чува во атинска црква и нема да биде пренесен во сите делови на земјата како што е обично пракса.