Единствениот пациент со КОВИД-19, кој е тргнат од респиратор ја напушти болницата оздравен и сега е со неговото семејство дома
За една недела ГОБ „8 Септември“, ќе ги отвори амбулантите и ќе започне да функционира нормално со што ќе стави во служба на сите пациенти, не само со КОВИД-19. Токму за толку време се очекува да бидат завршени сите технички зафати во делот каде што ќе биде префрлен центарот за КОВИД -19, потврди за НОВА, директорот Христијан Костов.
Со планот е предвидено инфективното и кожното одделение, кое сега е преселено, како и делот каде што беше дијализата, да бидат исклучиво за пациентите со коронавирус, а првиот спрат каде што порано се наоѓаше кардиохирургија на Жан Митрев, да биде интензивна нега за најтешко болните во која ќе има 20 респиратори.
„На ова работиме цел месец и планот е овој дел да биде строго изолиран и да нема мешање на пацинетите. Одделенијата каде што беше кожно, инфективно и стариот простор за дијализа ќе бидат тријажа, за суспектните пациенти, полесните и средно тешките случаи и тие што имаат потреба за дијализа. Овој дел ќе има влез од надвор, од другата страна, а со горниот оддел ќе бидат поврзани со два лифта, искулучиво за оваа намена. На интензивниот оддел на првиот спрат ќе сместиме 20 респиратори за најтешко болните “, изјави з а НОВА, директорот Костов.
Со ова болницата, која сега најголем дел од капацитетите ги стави на располагање за КОВИД-19 повторно ќе биде ставена во функција за сите граѓани, а ќе го има и центарот каде се лекуваат заболените со КОВИД-19, изолиран од останатиот дел на болницата.
Во последните два месеца во болницата се примаат итни случаи, пациенти со инфаркт кои се суспектни, со акутни абдоменални болки, скршеници.
„ Итните случаи доаѓаат со брза помош. Имаме по 5-6 случаи на пациенти со инфаркт навечер. На нив им се пристапува со целокупна заштитна опрема, се прави ангиографија, се интервенира, па им се зема брис за коронавирус. Мораме итно да интервенираме во вакви случаи“, изјави Костов.
Тој потенцира дека веднаш штом се стави во фунција овој изолиран дел за КОВИД-19, кога ќе бидат префрлени и пациентите, ќе се отворат амбулантите во болницата за сите други пациенти и болницата ќе функционира нормално.
Болницата ја напушти единствениот пациент кој стана од респиратор, Центарот за КОВИД-19 полн со пациенти
Во болницата, во центарот за КОВИД-19, во интензивниот оддел медицинскиот персонал е под целокупна заштитна опрема. Работат по 24 часа, четири часа се со скафандери и целокупна опрема, а четири часа паузираат бидејќи е невозможно со скафандерите, маските, визирите, неколкуте пара ракавици да се издржи подолго време.
Медицинскиот персонал, лекарите, медицинските сестри, болничарите се грижат за секој пациент посебно и велат дека се радуваат за секој што ќе оздрави. Така е во изминатите два месеца откако започна да функционира Центарот за Ковид каде што се хоспитализирани тешко болните заболени со коронавирус.
Во болницата „8 Септември“, одделот за интензивна нега вчера го напушти единствениот пациент со КОВИД-19, кој стана од респиратор. Станува збор за 37 годишен пациент кој пред 10 дена беше тргнат од респиратор и започна да дише слободно без помош на машина. Сега е со своето семејство, дома. Лекарите објаснуваат дека иако кај него неколку ПСР тестови се покажале негативни, серолошките тестови направени на Институтот з а имунологија покажале присуство на болеста.
„Присуството на болеста кај него беше докажано со серолошки тестови преку крвта, а тоа го покажа и ренген снимката на белите дробови, како и целокупната клиничка слика“, вели доктор Лилјана Малиновска Николовска, одговорна за пациентите на респираторни машини.
Кон крајот на април десетина пациенти со КОВИД-19 почнааа да примаат озонска терапија, заедно со терапијата која е комбинација од лек за маларија и антибиотикот Азитромицин. На некои од нив, каде што има индикација им се дава лекот Тоцелузамид кој ја блокира цитокинската бура во организмот кај пациенти со коронавирус.
Доктор Малиновска Николовска вели дека според овој мал број на пациенти тешко е да се каже како делувала озонската терапија која се дава допонително, не како примарна во лекувањето.
„Имаме пациенти кои се подобрени, но имаме и починати. Станува збор за мал број на пациенти кои ја примаа озонската терапија за да може да се каже како делувала, за тоа е потребно поголема клиничка студија“, вели Малиновска Николовска.
Озонската терапија кај пацинтите со КОВИД-19, овозможува поголемо количесто на кислород преку крвта да дојде во организмот бидејќи нивните бели дробови се со намалена функција. Лекарите велат дека тоа е дополнителен начин како да им се олесни на пациентите.
Процедурата е преку земање на крв од пациентот која се озонира и повторно се враќа назад во телото на пациентот. Лекарите велат дека нема контраиндикации од ваквиот вид на дополнителна терапија.
Во ГОБ „8 Септември“ бројката на нови примени пациенти со КОВИД-19 постојано се менува бидејќи постојано има по неколку нови задржани на лекување. Во текот на вчерашниот ден бројот на хоспитализирани беше 23 пациенти. На респираторна машина се шест лица и уште две имаат потешка клиничка слика кои се на кислодна поддршка.