За две години, колку што постои Интервентното кардиолошко одделение при Клиничката болница во Штип, кое е формирано со регионален карактер да опслужува регион со 200.000 луѓе, биле направени 6.000 ехокардиографии, 2.500 коронографии, а 1.500 пациенти биле стентирани.

„На 14 мај 2018 година, со моето доаѓање за началник на Одделението за кардиологија, успеавме повторно во функција да го ставиме ангиографот како мошне важен апарат кој беше во дефект, па Одделението почна со полна пареа да работи како што треба. Денес, располагаме и со поголем износ на средства за набавка на материјали, па така ако лани сме имале можност за набавка на само 410 стентови, годинава се набавени 940 мошне квалитетни стентови и тоа од пет најпознати светски проиводители“, вели началникот на Одделението, интервентниот кардиолог д-р Сашко Николов.

Тој е задоволен што Одделението работи во нови и добро опремени простории и што сите досегашни пациенти се чуствуваат добро. Во полна кондиција е и првиот пациент на кого на 14 мај 2018 му била извршена интервенција. Николов е задоволен и со кадровското пополнување. Пред две години, одделението имало 4 доктори и 6 медицински сестри, а денес 7 доктори, 14 медицински сестри и шест болничари и друг помошен кадар.