Заклучно со четвртокот аплицирани се над 20.000 вакцини против сезонски грип, а закажани се 39.000 термини за кои граѓаните преку Мој Термин добиле порака за вакцинирање со точен датум и вакцинален пункт, информираше вчера министерот за здравство Беким Сали.

При вчерашната посета на вакциналниот пункт при Центарот за јавно здравје Скопје во Амбуланта Пролет, министерот Сали информираше дека вакцинацијата започнала навремено на сите вакцинални пунктови.

– Прв пат започна во октомври, за разлика од претходните години. Како што знаете, пред средината на октомври стигнаа вакцините и по финализирање на процедурите во Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД, пристапивме кон распределба на количините во сите пунктови, вели министерот.

Најави дека од следната недела започнува имунизација во здравствените домови на терен, односно пациенти во старските домови и дијализните центри.

– Од Министерството се обезбедени 40.000 вакцини против грип за ранливи групи на население, а дополнителна количина се обезбедени од организацијата ПиВи, односно 20.000 дози донација, појасни министерот Сали.