Викендов во Охрид се одржа Првата здравствена академија на иницијатива на врвни доктори кои воедно беа и предавачи на академијата, а со организација и поддршка од Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ. Главните прашања на кои се дискутираше беа: Како до здравство достапно за сите? и Како до подобар здравствен систем?.
Истакнати здравствени лица дебатираа за новите методи и интервенции кои се воведуваат во јавното здравство. Во фокусот беа областите како кардиологија, кардиохирургија, анестезиологија, гинекологија и ортопедија.
Претседателот на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ, д-р. Игор Николов потенцираше дека целта е да зајакне здравствениот систем, но и да се задржат и мотивираат домашните експерти кои ги имаат совладано ваквите методи и процедури, да останат тука. Заклучок од Првата академија за здравство е дека е неопходно повторно воведување на едукации во реномирани светски медицински центри.
– Искуствата на Академијата ги презентираа предавачи кои се врвни и докажани експерти во своите области како кардиологија, кардиохирургија, анестезиологија, ортопедија и гинекологија. За да се продолжи со нови методи во здравството неопходно е повторно активирање на едукациите во врвните светски медицински центри. Целта е, прво, да го зајакнеме нашиот здравствен систем од една страна, второ, да ги задржиме и мотивираме овие експерти кои ги имаат совладано вакви методи и процедури да останат тука. Очекувам оваа Академија да прерасне во традиција, посочи д-р Николов.
Академијата, која е од отворен тип ја отворија градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков и Гордана Лолеска од НВО “Ретко е да си редок” од Охрид, а присуствуваа здравствени работници од целиот регион и државата. Предвидено е постепено да се проширува и во останатите градови и да прерасне во традиција, а дел од неа да бидат наши еминентни доктори од различни области, како и здруженија на пациенти кои се директно засегнати од предизвиците на јавно-здравствениот систем.
– Очекувам организирањето на Академијата за здравство ќе прерасне во една убава традиција и од година во година ќе претстои надградување, рече д-р Пецаков.
Доктор Горан Маркоски, гинеколог во Болницата во Охрид истакна дека Академијата за здравство ќе влијае на усовршување и мотивација на младите лекари и медицинскиот кадар, а истовремено е одлична можност за споделување на искуства и знаења од различните области во медицината.
– Ја поздравувам идејата за организирање една ваква Академија, иницирана од еминентни доктори од различни области: торакална хирургија, кардиологија, кардиохирургија, анестезиологија, неврохирургија, гинекологија и ортопедија, истакна Д-р Горан Маркоски, гинеколог во Болницата во Охрид. Во пресрет на 7 април, Светскиот ден на здравјето, оваа одлична иницијатива за Академија за здравство од страна на нашите еминенти доктори, кои учествувале во интервенции кои прв пат се воведени во јавно-здравствениот систем, ја препозна и и даде поддршка Комисијата за здравство на ВМРО- ДПМНЕ. Предвидено е Академијата постепено да се проширува и во останатите градови и да прерасне во традиција, посочи д-р Маркоски.