овиот Клинички центар нема да се гради со кредит од конзорциумот од трите банки, Ерсте груп, Раифазен банк и Уникредит како што беше одлучено во јули минатата година. Но, се отвора прашањето дали „виси“ и втората можност – заем да се земе од развојните банки при Совет на Европа (ЦЕБ) и Европската инвестициона банка (ЕИБ), кои по барање на Министерството за финансии, пројавиле интерес за кредитирање на оваа најголема инвестиција во државата.
Иако министерот за здравство Венко Филипче тогаш јавно соопшти дека ќе биде земен кредит од 500 милиони евра од конзорциум на три банки(Ерсте груп, Раифазен банк и Уникредит), работата очигледно се изјалови. Шест месеци подоцна, на 16 декември минатата година Владата ја прифатила информацијата кредит да се побара од двете развојни Банки и оваа одлука во јавноста помина незабележано.
Во Министерството за финансии за НОВА потврдија дека во тек е постапка за можноста за кредитирање на новиот Клинички центар преку Банката за развој при Совет на Европа(ЦЕБ) и Европската инвестициона банка(ЕИБ). Нема детали дали е дојдено до фаза за да биде прецизирано под кои услови би се земал заемот, какви се каматните стапки и на колку години ќе се исплаќа кредитот.
„Согласно одлука на Влада во декември Министерството за финансии се обрати до Банката за развој при Советот на Европа (ЦЕБ) и Европската инвестициона банка (ЕИБ) со барање за изразување интерес за финансирање на изградбата на Универзитетски клинички центар на гринфилд локација во Скопје. Двете развојни банки во конзорциум изразија интерес и на 171-та седница Владата ја усвои информацијата за финансирање на проектот од овие две меѓународни финансиски институции и постапката е во тек“, велат за НОВА, од Министерството за финансии.
Банката при Советот на Европа(ЦЕБ) е истата која што требаше да го гради Клиничкиот центар на местото на старата Гинекологија, но власта се откажа од оваа локација и од кредитот (за кој требаше да се плаќаат и пенали) и одлучи објектот да се гради во населбата Ѓорче Петров во месноста Веле Поле, простор кој беше одбран како најдостапен за да се стигне од сите делови на државата. Од оваа Банка се кредитира и реновирањето и изградбата и на останатите јавни здравствени установи во државата, за што постои и Проектната едница на Банката (ЦЕБ) во Министерството за здравство.
Од друга страна, во Министерството за здравство посочуваат дека како крајна опција постои можност за кредит од комерцијални банки. Нема објаснување зошто се спомнува опцијата за земање на кредит од комерцијални банки кога во игра се ЦЕБ и ЕИБ и дали ова значи дека не е сигурен заемот од овие две развојни банки за изградба на новиот Клинички центар.
„Во однос на постапката за обезбедување финансии за овој проект, задолжено и надлежно е Министерството за финансии каде веруваме дека работите се одвиваат според планираното. Го започнавме овој проект затоа што обезбедувањето на функционален Клинички центар е неопходен и ќе биде изграден. Затоа, како некоја крајна опција, постои и можност за кредит од комерцијални банки“, се вели во одговорот за НОВА, од Министерството за здравство.
Почетокот на изградба на новиот Клинички центар тапка во место. Иако според најавите темелите на грандиозниот објект во населбата Ѓорче Петров требаше да бидат ставени на почетокот на годината од тоа се уште нема ништо. Доцни процедура за реализација, се поместуваат или развлекуваат постапките.
Во работната група која е задолжена за Клиничкиот центар за НОВА потврдија дека се уште не е распишан ниту тендерот за инфраструктура за што Владата во декември одобри 243 000 евра. Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумовски тврди дека тендерот ќе биде распишан наскоро, во текот на наредните денови.
„Тендерот ќе биде распишан следната недела и тој ќе биде за инфраструктурата, за просторот да се оспособи и на него да се гради Клиничкиот центар“, изјави за НОВА Наумовски, кој е воедно и претседател на работната група составена од стручњаци од повеќе институции.
Во Министерството за здравство пак, се уште не е завршена постапката од тендерот за избор на компанија која ќе го гради објектот, шест месеци по неговото распишување. Од таму велат дека се познати кандидатите кои би можеле да ги исполнат потребните квалификации во смисла на лична, економска и финансиска состојба, техничката и професионалната способност и исполнување на стандарди за системи за квалитет.
„Како задолжение од Владата на РСМ, во рамките на Министерството за здравство се одвива постапка за избор на економски оператор кој би можел да обезбеди изградба на еден комплексен капитален проект како што е изградбата на новиот Универзитетски Клинички Центар на greenfield локација, по моделот “клуч на рака” со вклучена поддршка при менаџирање на проектот (паралелната работа на стариот клинички и новиот објект, потребните фазни трансфери на доктори и пациенти по потреба и слично)“, велат за НОВА од Министерството за здравство.
Засега, неофицијално се знае дека во потесниот круг се влезени две фирми германската „Вамед“ и француската „Бујгес констракшн“ како најсериозни кандидати за изградба на новиот Клинички центар.
По објавувањето на тендерот, македонските фирми се жалеа дека со условите кои ги дава Министерството за здравство, се дава можност само на странските компании да конкурираат, бидејќи еден од условите беше фирмата и претходно да има градено ваков или сличен објект.
Од Министерството за здравство велат дека станува збор за сложени постапки кои се одвиваат непречено. Од таму тврдат дека изборите во април нема да ја стопираат или попречат нивната реализација бидејќи процедурите се отпочнати пред актуелизирање на изборите.