Власта нема абер да ги укине економските директори во болниците како што ветуваше пред две ипол години. Наместо тоа, предизборно се поставуваат нови. Клиниките за гинекологија и државна кардологија веќе се подновија со по еден организациски директор, посочуваат од Министерството за здравство.

-Согласно Законот за здравствена заштита именувани се двајца в.д. директори, на Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство и Клиниката за кардологија, а поради обемот на работа на клиниката и неопходноста од економски директор.
Ама, ова не се единствените клиники што ќе трошат по 1000 до 1500 евра месечно за економски директор, велат од Министерството за здравство.

-Во тек се постапките по објавените јавни конкурси и за организациски директори, за што дополнително ќе ве информираме откако министерот за здравство ќе го изврши изборот, велат од Министерството за здравство.

Идејата да се укинат ваквите „двојни“ директорувања, СДСМ ја сподели пред да добие власт, па ветувањето е впишано и во програмата „План за живот“.

Ќе ги укинеме економските директори и управните одбори во постоечките 27 универзитетски клиники кои беа само финансиски товар.

Дел од здравствените работници кои не сакаат да говорат пред камера коментираат оти економските директори служат за вдомување на партиски кадри, кои наместо да имаат контрола врз трошоците, ги зголемуваат долговите на клиниките. Во моментов има 12 економски директори, а речиси половина од нив се кадри на ДУИ. Здравството за нивните плати годишно троши околу 200.000 евра.

Дел од медиумите претходно пишуваа дека токму кадрите од ДУИ, за кои партијата инсистирала да останат на своите работни позиции, наместо нивните функции ги укинаа измените на Законот за здравствена заштита со кои требаше да се избришат „двојните“ директори во болниците.