ВМРО-ДПМНЕ денеска до јавноста објасни низа сомнителни постапки и пропусти кои се случувале од почетокот на изградбата на тетовската модуларна болница па се до трагичниот настан.
– Колку и да се обидуваат да си ја префрлаат вината меѓу себе, СДСМ и ДУИ се најповиканите на одговорност во случајот со катастрофалниот пожар во тетовската модуларна болница. Од почетокот на изградбата, па се до трагичниот настан модуларните болници ги следеле низа на сомнителни постапки и огромни пропусти.
Прво, самиот факт што болницата изгоре за само 3 минути го поставува прашањето за небезбедните ПУР материјали со кои била направена тетовската модуларна болница, а кои се лесно запаливи.
Второ, сведоштвото на очевидци дека во објектот во кој живи изгореа 14 пациенти немало противпожарни апарати и систем за рана детекција на пожари.
Трето, објектите биле предавани во употреба без технички прием, без одобрение за градба или што би рекол Заев исто како летна тераса на ресторан.
Четврто, на примопредавањето на објектите не присуствувал инспектор на Дирекцијата за заштита и спасување кој бил должен да го провери објектот од евентуална опасност од пожар и експлозии и да го одобри објектот како безбеден.
Петто, според информациите на медиумите во документите како надзор по завршување на изградбата на модуларните болници нема потпишано инженер кој би гарантирал за квалитетот на објектот. Ваков објект без гаранција од инженер бил пуштен во употреба и лекување на пациенти, што е врвот на неодговорноста.
Шесто, според податоци во јавноста документацијата за проектот од Министерството за труд и социјална политика не е идентична со тендерската документација на министерството за здравство кое го давало решението за градба на модуларните болници.
Седмо, Зоран Заев и Венко Филипче летаа со хеликоптери за да прават увид на поставувањето на модуларните болници, а сега бегаат од одговорноста за трагедијата. Тоа е бесрамно и мизерно.
Тоа што Заев, Филипче и СДСМ си ја префрлаат одговорноста за трагедијата во Тетово со коалицискиот партнер ДУИ, воопшто не ја интересира јавноста. Граѓаните бараат оставки и одговорност. За да има кредибилна истрага прво треба сите оние кои се вмешани во градењето на тетовската модуларна болница да си поднесат оставка, за да не влијаат на процесот на истрагата. Потоа ќе се види кој освен моралната одговорност, ќе сноси и кривична одговорност, велат од ВМРО-ДПМНЕ.