Со процесот на вакцинација против Ковид-19, кој под мотото „Албанија се насмевнува“ почна на 11 јануари во оваа земја, опфатени се 53,1 отсто од планираните 2,2 милиони граѓани.

– Со националната стратегија планирано е до средината на следната година да бидат вакцинирани 2,2 милиони граѓани. Досега вакцинирани се 1.168.308 лица од нив две дози примиле 512.625. Масовната вакцинација продолжува во вакциналнте пунктови, во здравствените установи, а непречено се одвива и имунизацијата преку мобилните екипи, инфомираше министерката за здравство Огерта Манастирлиу.

Таа додаде дека пристигнала нова пратка вакцини на Астра Зенека, донација од Хрватска, и оти очекуваат нови количества од други компании врз основа на договори.

– Добивме пратка од 20.000 дози вакцини на Астра Зенека, благодарение на поддршката од хрватската Влада. Со 1.699.410 вакцини кои пристигнаа досега и други количества што ги очекуваме, од планраните 4,4 милиони дози, ние сме одлучни да го реализираме националниот план за вакцинација, да го заштитиме животот и здравјето на секој граѓанин, порача Манастирлиу.

Според неа, август ќе биде „отворен месец“ за вакцинација на граѓани над 18-годишна возраст и упати апел, посебно до студентите за што помасовен одѕив пред почетокот на новата академска година. Во меѓувреме, во земјата од минатата недела се регистрирани двоцифрени бројки на заразени (во просек по 35), а се зголемува и бројот на хоспитализирани, додека пред два дена имаше починат пациент од Ковид-19 по период од еден месец.