Србија досега има евидентирано 9.557 заразени лица со новиот коронавирус, 197 починати и 1.574 излекувани граѓани, јави дописникот на МИА од Белград.
Од вирусот во изминатите 24 часа починаа четири лица, со што вкупниот број на починати се искачи на 197 лица, со вкупна смртност од 2,06 отсто.
Во изминатите 24 часа, како што е објавено на интернет-страницата на Владата на Србија (kovid.rs.) тестирани се 4.550 лица, од кои позитивни на вирусот се 93 граѓани, што како и претходните денови процентуално е под пет отсто и говори за позитивен тренд на намалување на епидемијата.
Вкупно во Србија досега се тестирани 106.461 граѓанин од кои кај 9.557 е потврдено присуство на новиот коронавирус, а излекувани се 1.574 пациенти.
Во „ковид болниците“ и привремените центри хоспитализирани се 2.023 пациенти, од кои со влошена клиничка слика и на респиратор се 53 лица.
Српската Влада на денешната седница го усвои предлогот за укинување на вонредната состојба, кој ќе биде доставен до Собранието на усвојување.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ синоќа најави дека одредбата за укинување на вонредната состојба, Собранието ќе ја усвои на 6 мај, по што ќе се укине и полицијскиот час на 7 мај.
Епидемиологот Предраг Кон од владиниот кризен штаб најави дека со укинивање на вонредната состојба, нема да се укине и состојбата на епидемија во Србија, која подразбира и понатаму задржување на одредени превентивни мерки, како што се одржување на дистанца и можноста за избегнување на директни контакти, носење на заштитни маски и други мерки, што ќе бидат донесени по укинување на вонредната состојба.
Во Србија од денеска почнаа со работа рестораните и кафеаните, со предвидените заштитни мерки за дистанца на гостите и на вработените, профункционира и меѓуградскиот автобуски и железнички сообраќај, како и градскиот превоз во Нови Сад и Крагуевац, а во Белград и Ниш ќе профункционира на 8 мај.
Во Србија денеска е полициски час, кој почнува во 18 и ќе трае до утре во пет часот.