Теренска вакцинација ќе има и во училиштата, рече министерот за образование Арбор Адеми одговарајќи на новинарско прашање дали ќе дозволат прием на невакцинирани деца во училиштата, откако пред два дена беше прогласена епидемија на мали сипаници во земјава. Тој смета дека кампањата за имунизација треба да биде поагресивна.

„Кампањата воопшто не е агресивна, а треба да биде, имајќи предвид со ситуацијата со која се соочуваме. Имаме епидемија и институциите недозволиво е да стојат со скрстени раце. Очекувам дека оваа теренска вакцинација ќе успее. Во постојана комуникација сме со министерот за здравство и навистина станува збор за алармантна ситуација. Така што сме во фаза на изнаоѓање на што подобро законско решение и во Законот за основно образование, каде што при упис во основните училишта треба да се приложи аргумент дека вакцините се примени. Уставните одредби се јасни и дека основното образование е задолжително, но исто така дека треба да се запази да не се загрозува јавното здравје на кој било. Во оваа насока ќе бидат и нашите законски решенија, подзаконски акти и правилници“, рече Адеми.

Епидемиологот Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје вели дека во тек е изготвување на наредбите до Центрите за јавно здравје и до Здравствените домови, според кои треба да се спроведе засилена имунизација и теренска вакцинација согласно одлуката на Владата и согласно препораките од Комисијата за заразни болести при Министерство за здравство. Тој вели дека овие наредби потоа треба да ги даде Министерство за здравство до центрите за јавно здравје.

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат велат дека согласно препораките од Комисијата за заразни болести уште вчера се испратени наредби до градинките да не примаат невакцинирани деца.

Од Клиниката за инфективни болести велат дека во текот на вчерашниот ден прегледани се 14 пациенти  со морбили, од кои двајца се примени на болничко лекување, меѓу кои 8-месечно бебе и и возрасен пациент. На клиниката во моментов се лекуваат 21 возрасен и 20 деца.

„Во потешка состојба се три деца со пневмонија и еден возрасен пациент. Амбулантски се прегледани 12 пациенти, меѓу кои и тројца лекари од кои еден бил вакциниран, еден невакциниран и еден делумно вакциниран“, велат од Клиниката за инфективни болести.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека освен во градинките нема да дозволат прием на невкацинирани деца и во училиштата, согласно постоечките законски одредби и одлуките на Уставниот суд кој одлучувал по претсавки од родителите во 2014 и 2015 година.

Според одлуката на Владата, а по препорака од Комисијата за заразни болести треба да се вакцинираат и сите здравствени работници, како и да се води смета за движењето на пациентите низ здравствените установи и да има физичка одвоеност за да се намали можноста за ширење на заразата во болнички услови.