Болните од дијабет од Струга и струшко се жалат на лош квалитет на апаратчињата за мерење на шеќер во крвта кои ги користат. Кажуваат дека тие давале вредности далеку поголеми од реалните што кај нив создавало страв и несигурност. Во меѓувреме по реакција на здруженијата, очекуваат нови апаратчиња со обврска пациентите на секои шест месеци истите да ги носат во инсулинските аптеки кои имаат обврска да ја проверуваат нивната точност.

„Се надеваме дека овие апаратчиња ќе ја кажуваат нормалната  вредност. Старите апаратчиња беа навистина лоши. Можеа да покажат 15, а шеќерот да е 7. Има големи реакции за тие апаратчиња“, вели Иво Дукоски- претседател на здружение на болни од дијабет Струга.

Од Министерство за здравство уверуваат дека новите медицински инструменти се според сите потребни стандарди.

 „Станува збор за најсовремени апарати кои имаат одобрение за ставање во промет во земјава или за ставање во промет во земја членка на ЕУ, Норвешка, Швајцарија, САД, Канада или Јапонија, со што се гарантира нивниот врвен квалитет“, велат од Министерство за здравство.

Дукоски додава дека имале сериозен проблем и со квалитетот на иглите кои ги добиваат и покрај нивните постојани апели дека тие не се соодветни.

„Бараме поквалитетни и помали игли. Се уште ни ги даваат старите игли од 6 милиметри. Бараме да се 4, а за децата дури и помали. Јас месечно земам седум пенкала, а ми даваат седум игли. Со една игла се боцкам на едно пенкало, а треба да ги менувам на секое боцкање. Мала е и количината што ни ја даваат. Некој месец ќе ни кажат дека нема игли, ни велат дојдете следниот месец“, рече Иво Дукоски- здружение на болни од дијабет Струга.

И лекарите велат дека е потребна поквалитетна медицинска апаратура за дијабетичарите бидејќи бројот на заболен во Струга од оваа болест постојано расте.

„Сме имале и мали пациенти од шест месеци, два месеци некогаш. Сакам да кажам дека начинот на живот е основната причина за пораст на дијабетис“, изјави Мира Костојчиноска- лекар/интернист.

Од Здружението на дијабет во Струга уште велат дека и покрај укинувањето на паралелниот увоз на инсулин, сепак се уште имало луѓе коишто потребните количини инсулинска терапија ја набавувале приватно од Албанија или Србија по цена од околу седум евра од пенкало.

Дали Филипче ги слуша и до него допираат овие работи, нефункционирањето на неговото министерство, крајно време е да престане да го игра народот и да даде оставка. Оставка за Филипче! – по социјалните мрежи гори интернетот од незадоволството на граѓаните од министерот и нивните коментари