Нефролозите д-р Владимир Пушевски и д-р Игор Николов, изминатава недела во соработка со дигестивните хирурзи д-р Караѓозов и д-р Џамбаз, воведоа нов “он сајт” пристап за поставување на перитонеален катетер, кај пациенти кои што имаат потреба од перитонеална дијализа.
Овој начин на поставување на перитонеален катетер за прв пат e воведен во нашата земја. Предноста на методата е тоа што за пациентите не е потребна општа анестезија и целата процедура се изведува во само во локална анестезија, што дава еден комодитет на пациентот. При тоа намален е ризикот за оние пациенти кои што покрај бубрежна болест имаат повеќе други болести. Овој тип на дијализа се изведува преку перитонеумот. Перитонеумот е серозна мембрана која ги покрива внатрешните абдоминални органи (висцерален лист) и ја обложува внатрешната површина на абдоминалниот ѕид (париетален лист), а просторот помеѓу овие два листа е перитонеална празнина. Перитонеалната празнина содржи помалку од 100 мл течност, но може да се прилагоди на 20 пати поголема зафатнина без поголеми субјективни потешкотии за пациентот.
Пациентите на кои што не им работат бубрезите треба или да се трансплантираат или да одат на дијализа. Дијализата може да се изведува во центар за дијализа, а доколку пациентот е на перитонеална тој можат да ја изведуваат дома сами. Предноста е голема кога дијализата се изведува дома во домашни услови. За овој тип на дијализа во домашни услови, потребна е соодветна подготовка, а таа опфаќа поставување на перитонеален катетер (во општа анестезија или од сега само со локална анестезија). Потоа, покрај поставувањето на перитонеален катетер потребна е и обука за автономно изведување на истатата. Тимот на нефролози не информираше дека после обука спроведена во Турција д-р Владимир Пушевски од УК Нефрологија Скопје, ја отпочнал подготовката за воведување на овој нов пристап и на Клиникта за Нефрологија. По поставувањето на катетерот со новиот онсајт пристап, пациентот продолжува да изведува перитонеална дијализата во домашни услови, нема потреба од игли и боцкање на васкуларен пристап при што пациентот има можност да работи и да си ги извршува своите работни обврски или да работи од дома.
Целта која што ја имаат нефролзите е да им ја олеснат дијализата на пациентите и колку може повеќе да се приближи оваа метода до нив. Бројот на пациенти на кои што им е потребна дијализа расте од ден на ден и тоа претставува дополнително оптеретување, за пациентите, за нивните семејства и за здравствениот систем. Перитонеалната дијализа претставува метода која е поедноставна за да се пружи подобар квалитет на живот кај пациентите, а воедно претставува метода за дијализа кај пациентите кои што се подготвуваат и чекаат да бидат трансплантирани.
Со развојот на оваа метода значително ќе се подобри квалитетот на живот на пациентите, истата ќе можат да ја вршат во домашни услови и во исто време да си ги извршуваат своите животни и професионални обврски.