Со почетокот на грејната сезона во Македонија започнуваат и проблемите со аерозагадувањето. Последниве неколку дена над Скопје во доцните вечерни часови се забележува зголемување на загадувањето и појава на магла. Мирисот на воздухот се менува и потсетува на метал кој гори, се дел од коментарите на кои што наидовме по социјалните медиуми.
Иста е состојбата и низ државата. Графиконите на Министерството за животна средина покажуваат дека по 17 часот се зголемуваат концентрациите во воздухот.
Пред два дена најголемо загадување е измерено во Кавадарци со присуство на 361 микрограм ПМ 10 честички во воздухот. 291 микрограм ПМ 10 вчера беа измерени во Куманово, а во скопскатата населба Лисиче 280 микрограми ПМ 10 честички во воздухот. Овие мерења се од пет до седум пати поголеми од дозволената граница на загаденост. Според владата, се преземаат мерки.
„Незалудно се оние проекти замена на стари печки и подобрување во тој дел за да се заменат со горива коишто нема да ја загадуваат животната средина, така што само би додал дека ова е дел од проблемот и сигурно дека натаму треба заеднички да работиме и граѓаните и институциите во таа насока“, рече Душко Арсковски, портпарол на Влада.
Од денеска се поставени два уреди за 24 часовен надзор на воздухот во Скопје – во Карпош и Лисиче, кои ќе собираат податоци за квалитетот на воздухот 24 часа на ден во текот на наредните 12 месеци. Со анализа на добиените податоци попрецизно ќе се откријат поединечните извори на загадување на воздухот во градот, велат од УНДП.
Инаку додека власта не презема конкретни мерки вечерва македонските граѓани повторно се гушат речиси во целата земја.
Најзагадено е во Тетово, потоа следува Куманово, Кавадарци, Кочани и Гевгелија и Битола.
ВМРО-ДПМНЕ по овој повод ќе протестира утре во Скопје и во четири други градови.
„ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите граѓаните утре 29.10.2020 од 19:00 часот на протест пред Влада на Република Македонија. Протести дополнително ќе се одржат и во Битола, Струмица, Тетово и Куманово“, стои во нивното соопштение до јавноста.