Националното истражување за состојбата со здравјето и употребата на лекови во Македонија кое го спроведе фармацевтската компанија „Галеника“, покажа дека 60 отсто од населението во Македонија секогаш се обраќаат на лекар за совет, а останатите 40 отсто одат кај доктор само за посериозни здравствени проблеми. За 65 отсто од граѓаните во Македонија интернетот е важна алатка за истражување на сопствените симптоми или за добивање дополнителни информации за добиената здравствена дијагноза.
Во домашните аптеки на граѓаните во Македонија најчесто се наоѓаат производи кои регуларно може да се издаваат без лекарски рецепт. Дури 80 отсто од испитаниците одговориле дека вообичаено дома ги имаат овој тип на производи, како што се таблети, капсули, масти и гелови за вообичаените тегоби или болести, се вели во истражувањето.
Истражувањето го спроведе ИПСОС во периодот на септември-октомври 2022 година, во урбани и рурални средини, меѓу населението на возраст од 18-70 години, мажи и жени. Истражувањето е со цел да се види каква е состојбата после, односно поради пандемијата.
Според истражувањето на „Галеника“ во домашните аптеки на граѓаните во Македонија, независно дали спаѓаат во оние кои регуларно се издаваат со рецепт или не, најчести се лековите за настинка, воспалено грло и кашлица (75%), додека 73% се изјасниле дека дома имаат антипиретици за намалување на високата температура, а аналгетици имаат 61% од луѓето.
Главоболките или болките во рбетот и екстремитетите се најчестите акутни проблеми за граѓаните на Македонија. Според истражувањето 85% од испитаниците се пожалиле на овој тип на болки, додека 61% се соочуваат со респираторните инфекции со/и без повисока температура. И тоа 38% се изјасниле дека со респираторни проблеми се соочуваат 1 до 3 пати годишно, а 24% рекле дека состојбата се повторува повеќе од 4 пати годишно. Гастроинтестиналните проблеми се појавуваат во одговорите на 60% од испитаниците, додека алергијата е присутна во анкетите на 36% од испитаниците.
Од јануари 2020 година 63% од луѓето користеле антибиотици. Во просек луѓето земале 2,6 пакувања антибиотици од почетокот на пандемијата.
Граѓаните на Македонија со хронични заболувања во просек користат по 3,3 различни лекови за лекување на хронични состојби. Минералите и витамините вообичаено се користат сезонски, односно кога луѓето сметаат дека им е потребна заштита, а најголем број испитаници претпочитаат поединечни витамини и минерали. При изборот на производот најмногу влијае советот од докторот, а потоа на фармацевтот. Сепак, кога се бира лек во аптеката, речиси 4/5 луѓе сметаат дека советите на фармацевтот се важни.
– Со ова истражување, кое го спроведовме и во земјите од регионот, Галеника сака преку релевантни податоци да придонесе за подигање на свеста за важноста на превенцијата и зачувување на здравјето на граѓаните во Македонија, како и за проширување на нашето портфолио со висококвалитетни производи кои на најдобар начин ќе одговорат на моменталните потреби на корисниците. Галеника секогаш настојува да обезбеди дополнителна вредност на пазарот, а сознанијата стекнати преку ова истражување го сметаме за вредност која ќе се фокусира на она што е највредно за нас, а тоа е здравјето и неговото зачувување, вели Даниел Јаневски, директор на претставништвото на Галеника во Македонија.