Министерот за здравство Венко Филипче, најави теренска вакцинација во оние делови од Македонија каде што интересот за вакцинација е мал. Во моментов 180 илјади граѓани чекаат за вакцинација, а бројот на граѓани заинтересирани за вакцинација не е значително зголемен. Во текот на следната недела се очекува во земјава да пристигнат 500.000 дози на кинеска вакцина Синофарм како и на Фајзер.
Според информациите кои се објавуваат по електронските медиуми, анкетирани се граѓани во однос на тоа дали се пријавиле за вакцина против Ковид-19. Еден дел посочиле дека досега не се пријавиле токму поради недостаток на вакцини. Некои се пријавиле и чекаат да бидат имунизирани. Оние кои биле имунизирани пак посочиле и препорачале дека сите граѓани треба да бидат вакцинирани.
Министерот Филипче смета дека до крајот на летото ќе се постигне колективен имунитет, каде 70% од граѓаните се очекува да бидат вакцинирани со две дози.