Во текот на вчерашниот ден Сојузот на Стопански Комори на Македонија од новата Влада побараа итно да донесат протоколи или мерки за економска помош на игротеките, приватните установи за едукација и грижа на деца, објектите за свадби, родендени и крштевки. Во спротивно предупредија дека ќе следат протести, затоа што како што посочија околу 1000 објекти се пред пропаѓање.
– Со формирање на новата Влада, претпријатијата од овие дејности очекуваат во најкраток можен рок да се реши моменталната состојба, во спротивно својот револт ќе го истакнат на протест. Да се затворат принудно со месеци без услови со кои ќе можат да ја преживеат кризата е нечовечки и помош или деблокада се единствениот излез, посочија од ССКМ.
Владата на денешната седница го усвои мислењето на Комисијата за заразни болести да не се прифатат барањата за измени на Протоколот за работа на угостителските објекти. Тоа значи дека со цел се спречи ширењето на ковид -19 останува забраната за организирање свечености со музика односно свадби, матури, крштевки и слично во угостителските објекти.