Прваче од Велес било избркано од училиштето „Блаже Конески“ бидејќи не било вакцинирано, тврди неговата мајка Тања Перкова.
Инцидентот се случил утрово кога детето требало да присуствува на заклетва која ја давале првооделенците. Но освен ова, според тврдењето на мајката, директорот повикал и полиција, просветен инспектор и службеници од центарот за социјални грижи. Проблемот започнал на стартот на учебната година, кога родителите биле известени дека детето нема да може да се запише поради одлуката која ја донесоа министерствата дека невакцинираните деца нема да тргнат во прво одделение. Во повеќе наврати била бркана од училиштето, а последно вчера добила и забрана за влез во него.
Случајот таа го пријавила во образовниот инспекторат, но одговор од таму се уште нема.
Телма безуспешно се обиде да го контактира директорот. Според портпаролот на СВР Велес, полицијата дошла во училиштето, но негира дека имало каква било интервенција. Од општината демантираат дека е детето на сила е исфрлено од училиштето. Го издвојуваат како единствено невакцинирано прваче во општината, го третираат како специфичен случај и ќе чекаат насоки од министерставта за образование и здравство како да постапат. Во меѓувреме детето може да посетува настава, но нема да се евидентира во дневникот, вели градоначалникот Аце Коцевски.