Со 1901 заболен и речиси една година на сила, здравствените власти ќе ја одјават епидемијата на мали сипаници која важеше за цела држава. Ваква препорака до министерот за здравство доставила Комисијата за заразни болести откако повеќе од 40 дена не е регистриран нов случај на морбили. По потпишување на решението од страна на Филипче нејасно е дали во училиште ќе можат да одат и невакцинирани деца бидејќи досегашната забрана согласно која околу 200 првачиња не посетуваа настава била противепидемиска мерка. Во градинка, пак, и во иднина нема да има упис на деца кои не примиле вакцини.
-Дадовме препорака решение за тоа да најдат Министерството за здравство и за образование, а во градинки согласно правилникот да продолжи непримањето на невакцинирани деца. На вчерашната седница на Комисијата утврдивме дека нема повеќе потрерба од епидемија бидејќи повеќе од 45 дена нема случај на морбили, вели др. Владимир Микиќ, епидемиолог во ИЈЗ.
Изминатите 12 месеци додека траеше епидемијата на мали сипаници беа вакцинирани над 44 илјади деца до 14 годишна возраст. И додека е позната бројката на оние кои примиле МРП, веќе една година нема разрешница на скандалот со 625-те вакцини против морбили на кои имаше погрешни декларации. Од обвинителството, кои отворија предмет за овој случај уште во јануари се уште чекаат извештаи од лабораториски анализи на вакцините.
-Во предметот за кој покажувате интерес, Основното јавно обвинителство Скопје ги очекува резултатите од нареденото вештачење на исправноста на вакцините кое се врши во избраната лабораторија на Paul Ehrlich Institut од Германија. По приемот на вештиот наод и мислење ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошно постапување, велат од Обвинителството.
Вакцините со неисправни декларации се складирани во седиштето на фирмата увозник. Анализите кои ги очекуваат надлежните треба да покажат дали се исправни или не. Претходно ,здравствените власти изјавија дека нивниот квалитет е потврден, но во лабораторија на производителот.