Итната медицинска помош овие денови, поради топлото време, имала зголемен број интервенции при колапси на јавни места. Од Итната помош информираат дека во текот на денот добивале пријави за околу десетина колапси.

„Колабираат и помлади и повозрасни граѓани. Дневно имаме пријави за околу десетина колапси. Дали во автобус, дали на работно место“, вели во изјава за МИА доктор Рихад Реџепи, шеф на смена во Итната медицинска помош во Скопје. Според него, овие денови имале и пораст на повици од лица кои телефонски барале совети.

Претседателката на Здружението на приватни лекари, Лилија Чолакова-Дервишова вели дека поради топлото време, деновиве само во нејзината ординација биле однесени две лица со инфаркт.

„Забележително е дека луѓето имаат проблеми, особено оние со хронични заболувања. Нашите апели се да не се движат по горештините, сите обврски да ги завршуваат во раните утрински часови. Препорачуваме многу лесна храна, да се избегнува јадење количински во топлите часови. Граѓаните да внесуваат многу течности преку ден“,

вели Чолакова-Дервишова за МИА.
Препораки за справување со топлото време деновиве стигнаа од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Оттаму препорачуваат граѓаните постојано со себе да носат шише со вода, да бидат облечени во светла, лесна и комотна облека, главите да им бидат заштитени со капа, шешир или со чадор. Од ИЈЗ исто така велат дека треба да се јаде овошје и салати, да не се јаде топла, зачинета и солена храна што може да дехидрира, како и да се избегнува пиење на алкохол, кафе, чај.

Во препораката од ИЈЗ се вели дека граѓаните треба да се разладуваат со вентилатори или клима уреди, а туширањето да биде со посвежа или млака вода.

Активностите на отворено, додаваат од ИЈЗ, треба да бидат во поладни периоди од денот, пред 11 и после 17 часот.

Прогнозите на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) се дека овие денови ќе продолжи периодот на сончево и многу топло време со дневни температури кои на некои места ќе надминуваат и 40 степени.

Најавите од УХМР се дека од денеска до средината на следната седмица на повеќе места ќе биде активирано портокалово ниво за опасност од високи температури. Исклучок ќе има в недела, кога, според синоптичарите, во попладневните часови ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.