Благ пораст на бројот на државните градинки, но и на бројот на згрижени деца во нив регистирал Државниот завод за статистика за минатата година. Згрижувањето на децата во градинки е долгогодишен проблем во нашата земја. Има средини каде воопшто нема градинки во близина, ова особено се однесува на руралните средини, каде опфатот на децата е многу мал. Од друга страна, одредени региони, особено во главниот град се соочуваат со огромен наплив на деца, и запишување на поголем број од пропишаниот.
Статистика утврди дека во 2023 година во установите за згрижување и воспитание на деца − детски градинки/центри за ран детски развој се регистрирани 37.804 деца, што претставува зголемување од 5,2 отсто во однос на 2022 година.
Со годишните извештаи во 2023 година се опфатени 117 установи за згрижување и воспитание на деца, што е за 3,5 отсто повеќе во однос на 2022 година.
Овие установи им обезбедуваат здравствена заштита, исхрана и дневен престој на децата на возраст до 6 години во согласност со нивните развојни потреби, во повеќе групи. Вообичено децата се поделни во групи на деца во развоен период до 2 години, групи на деца во развоен период од 2 години до тргнување на училиште, но има и комбинирани групи, групи на деца со пречки во развојот, групи на деца во центар за ран детски развој во состав на детска градинка, групи за пилот-програми, групи за вонинституционална форма на активност и други групи за престој и исхрана.
– Во нашата градинка секогаш има многу деца. Уште помалата ќерка кога ја носев градинката беше преотповарена. Потпишувавме документ дека се согласуваме детето да оди во група која брои повеќе од 50 деца. Сега, со помалата ќерка не е толку гужва, оваа година и е последна како ќе оди во градинка и можам да кажам дека имаме малку повеќе среќа. Сепак, со оглед на интересот мислам дека нема толку голем притисок или навала од деца поради забраните за носење на невакцинирани деца – вели една мајка од скопската општина Аеродорм, која важи за општина со најмногу деца.
Податоците говорат дека во нашата земја лани имало вкупно 5.345 лица вработени во јавните градинки, од кои 4.940 биле жени. Притоа од вкупниот број вработени 2.069 се на позицијата згрижувачки кадар или негувателки, додека пак 1.339 се воспитувачки.
Со оглед дека минатата година во јавните градинките имало 36.197 згрижени деца, а вкупно воспитувачки и негувателки 3.408, упатува на тоа дека на 10 или 11 деца во градника имало една воспитувачка или негувателка. Ова е далеку од потребниот просек за негувателки за деца, а дополнително загрижува податокот дека во одредени установи има многу повеќе запишани деца отколку што дозволуваат проиписите за згрижување.
Од друга страна во приватните установи се вработени вкупно 291 лице, од кои 281 се жени. Од нив, 98 се негувателки, додека 78 воспитувачки. Бидејќи во приватните градинки има само 1.256 деца, испаѓа дека на седум деца има една воспитувачка или негувателка.
Како што веќе е познато, во земајва ја имаме единствената градинка која функционира во рамки на Министерството за финансии. Ова е единствена институција која има градинка за своите вработени, а ваков чекор досега не направила ниту една приватна компанија.