Министерството за здравство на Косово ги повика граѓаните да бидат повнимателни и постојано да ја контролираат водата за пиење, поради зголемениот број на заболени од менингитис во последните два месеци.
Во соопштението до јавноста, Министерството за здравство наведува дека, врз основа на извештајот на Државниот завод за јавно здравје, потребна е зголемена контрола на водата за пиење и на базените за да се спречат разни инфекции.
Според извештајот на болничката служба на Универзитетската клиника на Косово, бројот на пријавени случаи на менингеален синдром во текот на јули и август е зголемен во однос на истиот период лани, соопшти косовското Министерството за здравство.
– Секој што ќе дојде во контакт со причинителот може да се разболи од менингитис, но одредени возрасни групи се изложени на поголем ризик. Според Светската здравствена организација, менингитисот најмногу ги погодува младите луѓе бидејќи имунолошкиот систем на младите, главно бебињата, децата и тинејџери, не е доволно развиен за борба против предизвикувачот на болеста, посочуваат од Министерството за здравство.
Бактериски или вирусни инфекции се причина за менингеален синдром. Место на ширење на инфекцијата може да бидат базени, места за освежување, контакт и вода за пиење, предупредуваат од Министерството. Министерството за здравство ги објави и симптомите на менингитис, кои се слични на симптомите на обичниот грип, но се влошуваат за многу кратко време. Менингитисот може да се појави веднаш или 3-7 дена по инфекцијата, а се лекува само во болница.
Симптоми на болеста се: повраќање, вртоглавица, висока температура, болки во мускулите, чувствителност на светлина, главоболка, конфузија, студени екстремитети, осип на кожата. Децата може да имаат и симптоми како што се забрзано дишење, иритација и продолжено плачење, губење на концентрација и недостиг на апетит.