Здружението на новинари на Македонија испрати апел и реагираше на непочитувањето на новинарските и етички стандарди на дел од домашните и медиумите од регионот кои известуваа од погребите на жртвите во Кочани.
-ЗНМ потсетува дека известувањето од денешниот погреб мора да биде во согласност со претходно утврдениот протокол и со основните принципи на професионалната етика. Објавувањето на фотографии и видеа со гробни места, блиски членови на семејствата и приватни моменти претставува директно кршење на препораките за етичко известување и нарушување на достоинството на засегнатите лица. Ги повикуваме оние неколку медиумски работници и редакции кои отстапуваат од протоколот, да покажат почит и одговорност, да не објавуваат содржини што можат да предизвикаат дополнителна болка и да се придржуваат кон стандардите на етичко новинарство. Новинарството е во служба на јавниот интерес, но никогаш на сметка на човечкото достоинство, велат од ЗНМ.
Кон овој апел се приклучи и Независното здружение на новинари на Србија.
-Порталот Република.рс груби ги крши сите стандарди на новинарството при известувањето од погребите во Кочани. ЗНМ повикувам медиумските работници и уредниците да не отстапуваат од утврдениот протокол, да покажат почит и одговорност, да не објавуваат содржини кои можат да предизвикаат дополнителна болка и да се придржуваат кон стандардите на етичкото новинарство, стои во објавата на НУНС.
Со нова реакција објавена на англиски јазик се огласи повторно ЗНМ.
Поради грубото кршење на новинарските стандарди реагираа и од Владата од каде упатија апел до медиумските екипи кои присуствуваат на денешниот погреб на жртвите од трагичниот пожар кој настана во кочанската дискотека да се придржуваат до етичките принципи.
-Најголем дел од медиумите не емитуваат и шират фотографии и видеоматеријали од семејствата на настраданите, а оние кои објавиле такви содржини уште еднаш апелираме да се придржуваат до етичкото информирање. Чувствителноста на трагедијата и личната болка на семејствата во овој момент не треба да биде мета на сензационализам, емотивни наративи, фотографии и видеа. Ги повикуваме медиумите да ги почитуваат приватноста и достоинството на семејствата и во никој случај со медиумското известување не треба да се предизвика лично вознемирување и вознемирување на јавноста. Уште еднаш упатуваме апел до медиумите да пренесуваат проверени факти, да избегнуваат шпекулации и дезинформации, да ја запазуваат приватноста на семејствата на жртвите, се наведува во владиното соопштение.
Од Владата им се заблагодарија на медиумите кои известуваа професионално и ги почитуваа препораките за известување од погребот на жртвите од трагичниот настан.