Постојат повеќе начини да се ослободите од настинката – консумирање на правилна храна, доволно одмор и доволно хидратација. Меѓутоа, многумина сметаат или така биле научени, дека настинката може да се „испоти“.
Зошто не треба да го правите тоа?
Она што е најзагрижувачки е што во обидот да се „испоти“ настинката, се губат телесни течности, што може да нè дехидрира – што е спротивен ефект од она што му е потребно на телото.
Студија од 2015-та врз глувци покажала дека риновирусот (најчестата вирусна нишка за настинки) најмногу се развивал на температури под 37 °C, по што се развила теорија дека со зголемување на телесната температура над таа бројка (што предизвикува потење) се спречува развивањето на вирусот.
Меѓутоа, не постојат никакви научни податоци кои покажуваат дека зголемената телесна температура помага во борбата против настинката, а покрај тоа теоријата била создадена само врз база на тестирања врз глувци.
Кога потењето може да помогне?
Иако тоа не може да ја излечи настинката, постојат активности поврзани со потењето кои можат да ги намалат нејзините симптоми или да ја спречат, како на пример вежбањето.
Студија од 2015-та сугерира дека ефектите за подобрување на имунитетот од вежбањето со среден интензитет помагаат во спречување на настинка, како и дека премногу вежбање има спротивен ефект.
Вежбањето може и на пократок временски период да го намали запушувањето на носот. Докторите советуваат дека најважно од сè е да си го слушате телото. Доколку симптомите се благи и немате треска, болки во мускулите или сериозен замор, тогаш вежбањето може да помогне. Доколку го чувствувате сето тоа, на телото му е потребен одмор, а вежбањето може дополнително да го ослаби имунитетниот систем.
Седењето во топла соба со пареа – на пример во бања со затворена врата и топла вода од тушот – исто така може да помогне за подобро дишење во случај на настинка. Причината за тоа е пареата, а не температурата.