За едни дечиња има, но за други нема прием во основните училишта ако не примиле вакцини. Во „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Ѓорче Петров дел од првачињата останаа на улица, иако претходно на нивните родители им ветиле дека сите ќе бидат запишани.

Директорката барем денеска не беше расположена за коментар. Од училиштето ни рекоа денеска не била на работа, иако таа била на своето работно место во текот на целиот ден.

Пред училиштето доаѓаа родители кои сакаа да се сретнат со директорката, но ниту еден не беше примен. Дел од нив кои сакаа да останат анонимни, ни рекоа дека ова е голем проблем кој не смее да се пресликува на децата уште на почеток. Ако не се реши, велат приморани се да си заминат од земјава.

– Ова е катастрофа, мора институциите да реагираат, и да се реши овој проблем. ќе си одиме од Македонија ако не се реши ова за нашите деца, реагираат дел од родителитее.

И додека дел од родителите се разочарани зашто нивните деца не седнале во клупа на првиот училиштен час, министерот за образование рече дека заедно со Министерството за здравство ја следат состојбата.

– Државниот просветен инспекторат има надлежности зашто до него училиштата ќе доставуваат информации кои деца не се запишани, а би требало да бидат. Сите податоци за запишани деца ќе ги добиеме овој месец, а со министерот за здравство Филипче договоривме да има и теренска вакцинација во самите училишта за да се подигне опфатот на вакцинирани деца, изјави министерот за образование Арбер Адеми.

По ширењето на заразата минатата учебна година, за која во април беше прогласена и епидемија низ цела држава, беше донесена одлука во градинките и училиштата да се примаат и запишуваат деца само со приложување вакцинален картон.