Пандемијата на Ковид-19 ја засили детската сиромаштија во Македонија. Семејното насилство се зголеми за време на пандемијата, при што децата претставуваа речиси десет проценти од жртвите. Регистрирана е и зголемена појава на врсничко насилство меѓу згрижените деца во облиците на згрижување во системот на социјална заштита. Како резултат на рестрикциите и ограничувањата во движењето, зголемена е повредата на правото на видување на децата со родителот со кој не живеат.

Ова се главните наоди од истражувањето на Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје за социјалните и економските ефекти на Ковид-19 врз децата во Македонија. Анализата беше спроведена во партнерство со Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс Тинк“, со поддршка од УСАИД.

-Најсиромашните деца може да страдаат повеќе од Ковид-19 како резултат на комбинираните ефекти на повеќе ризици и неповолности, како недоволен пристап до интернет и лоши услови за домување, што може да биде особено важно за напредокот во учењето на децата во време на затворање и неработење на училиштата. Ваквите слабости се особено видливи кај децата од ромската популација, се потенцира во истражувањето.

Патриција ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ во земјава, рече дека децата индиректно ја чувствуваат кризата предизвикана од пандемијата, и тоа зависи од финансиската состојба, можностите и условите во кои живеат. Истакна дека Ковид-19 ја засилил детската сиромаштија во Македонија, при што 16.000 деца живеат под прагот на сиромаштија. Зголемено е и семејното насилство, истакна Ди Џовани, при што десет отсто од жртвите се деца. Посочи и дека Ковид-19 ја одложил болничката грижа за мајките и новороденчињата.

Таа порача дека потребни се насочени мерки за децата да не станат невидливи жртви кои ќе го носат на грб најголемиот дел од долгорочното влијание на кризата.

Наодите повикуваат на преземање акција преку политики кои ќе се фокусираат на децата и ќе спречат здравствената криза да прерасне во криза на правата на децата: прво на сите деца треба да им се овозможи продолжување на образовниот процес со тоа што со мерките што ќе се преземат во здравството и образованието ќе се земе предвид долгорочното влијание на прекинатото учење, со осмислување план со кој од септември 2020 година ќе се обезбеди сите деца да учат на училиште или да имаат на располагање унифициран пристап за учење од далечина, или комбиниран пристап за учење од далечина и во училница.