Во текот на вчерашниот ден, по објавување на текстот дека владее хаос во Ургентниот центар и дека се ограничени дел од обврските и работата на докторите специјалисти, на мејлот во нашата редакција беше пристигната реакција од страна на управата на ТОАРИЛУЦ. Во продолжение ви пренесуваме дел од реакцијата на управата. Целиот текст можете да го прочитате на следниот линк: https://toariluc.mk/web/?p=3114
„ Управата на ТОАРИЛУЦ најостро реагира до редакцијата на „Здравство.мк“ за текстот „Ургентен центар во ХАОС!!! Специјалисти без право на упат, пациентите без „рушвет“ неможат да дојдат до КТ или МР“, објавен на 01.07.2019 година во 18:16 минути.
Неточна е информацијата дека во последните две недели со наредба им се земени ингеренциите на докторите специјалисти и сите упати што тие ги креираат за упатување на пациентите на снимање со Компјутерска томографија или Магнетна резонанца се блокирани.
Сите доктори имаат можност да креираат упати за пациентите. Не само специјалистите, туку и докторите коишто работат во Ургентен хирушки центар (УХЦ), кои се на смена или доктори кои се повикани од другите хирушки клиники за да го прегледаат пациентот, имаат право и обврска да напишат мислење и да ги доупатуваат пациентите. Тие имаат право да креираат упати за сите активности, дијагностички процедури и третмани коишто не можат да ги извршат во постоечките услови на УХЦ, под услов да бидат примени, прегледани и последователно да биде поставена итна индикација за одредена дијагностичка процедура.“
Веднаш после ваквата реакција на управата на ТОАРИЛУЦ, до нашата редакција пристигнаа транскрипти од комуникација помеѓу доктори, интерна комуникација помеѓу колеги кои реагираат зошто на нивното работно место што е Ургентниот Центар, не се во можност докторите специјалисти да креираат упат за Магнетна Резонанца и дека за истиот апарат се блокирани сите термини преку „Мој Термин“. Докторите се прашуваат: Зошто се блокирани специјалистите? Се посочува исто така во комуникацијата дека е издадена за тоа усмена наредба од страна на Леши.
Во текот на вчерашниот ден исто така дел од медицинскиот персонал кој работи во Ургентниот Центар на ФБ постираа постови со прашања до министерот, Дали со ставање забрана за закажување на магнет се планира на тој начин да се прави новиот клинички центар или тоа се дел од мерките за промовирање на приватното здравство?
Оставаме на јавноста, пациентите, докторите и медицинскиот персонал, нашите читатели сами да извлечат заклучок дали пласираните информации се вистините или не. Аргумените врз база на кои е направена сторијата претходниот ден ви се на увид.
Ваквото раководење и севкупно менаџирање на здравството во Македонија го доведе здравствениот систем и неговото функционирање до овој степен до каде е денес. А тоа не е ништо добро или за фалење – посочија и дел од граѓаните преку социјалните мрежи