Според информациите кои ги објавија дел од македонските електронски медиуми, 24 годишното момче кое денеска го загуби животот по борбата со коронавирусот, на 25-ти август било донесено во битолскиот ковид центар во многу тешка состојба. Младото момче била зафатено со масивна бронхопневмонија и веднаш било поставено на кислородна поддршка.
Директорката на Клиничката болница Битола, д-р Билјана Гагачовска, во изјава за порталот ја потврдила веста и објаснила за што се работи:
– Беше во многу тешка состојба со ниска сатурација и масивна бронхопневмонија. Поставен веднаш на перманентна максимална кислородна поддршка и соодветна терапија. Земениот брис покажа дека е позитивен. И покрај сите интензивни обиди за реанимација, пациентот утрово почина, истакнала д-р Билјана Гагачовска.
Според извори на порталот, момчето неодамна правело свадба и неговите блиски претпоставуваат дека најверојатно бил заразен од некој од гостите кои биле присутни.