Нова жртва на корона вирусот – утрово на Инфективната клиника во Скопје починал 40 годишниот кочанчанец кој беше прв регистриран случај во градот. Информацијата за Алфа ја потврди градоначалникот и претседател на општинскиот кризен штаб на Кочани, Николчо Илијев. Илијев вели оти рано утринава добил повик од близок член на семејството на починатиот кој му ја соопштил лошата вест.
Семејството на починатиот е во изолација, па тие не се во можност да го организираат погребот на кочанчанецот. Помош за ова побарале од општинските служби.
Починатиот маж од Кочани е татко на три малолетни деца. Иако се уште нема официјална информација како 40 годишниот кочанчанец се заразил со вирусот, неофицијално во кочанската чаршија се зборува дека тој бил занаетчија, а инфекцијата ја добил од клиентка која ги користела неговите услуги.
Сега починатиот пациент е првиот случај на заболен од Ковид 19 во Кoчани. Во неговиот кластер се регистрирани уште десет заболени. Откако испаднал позитивен на корона, тој прво бил хоспитализирано на штипска инфектологија, но поради влошување на состојбата пред три дена бил пренесен на Инфективната клиника во Скопје каде бил приклучен на респираторна машина.
Од Општина Кочани информираат дека останатите членови на неговото семејство засега имаат стабилна клиничка слика со лесни симптоми на болеста.