Вработувањето на лицата со инвалидност е регулирано со Законот за вработување на инвалидни лица, кој е донесен во 2000 година и со него се уредуваат посебните услови за вработување и работење на лицата со инвалидност, како и условите за основање и погодностите за работење на трговско друштво за вработување на инвалидните лица.

Со овој закон, се вели во законското образложение, се уредуваат посебните услови за вработување и работење на инвалидните лица кога истите самостојно вршат дејност како трговец поединец, работат кај работодавач или имаат својство на работодавач, работат во државната администрација, единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија, установи, агенции и фондови и други државни институции, како и условите за основање и погодностите за работење на трговското друштво за вработување на инвалидни лица – заштитно друштво.

„По извршена ревизија на ‘Усогласеност на активностите и мерките преземени од корисниците на средства од Посебниот фонд на Агенцијата за вработување на Република Македонија’ од страна на овластен државен ревизор, донесени се препораки во однос на подобрување на условите за вработување на инвалидни лица и наменско користење на доделените средства од Посебниот фонд. Постапувајќи и усогласувајќи се со препораките доставени во Конечниот извештај бр. 15-124/10 од 4.9.2017 година на овластениот државен ревизор, а со цел наменско користење на доделените средства и уредување на постапката за вршење увид во наменското користење на овие средства, се наметна потреба од донесување на овој закон. Предложените решенија имаат цел доуредување на постапката за доделување на средства од Посебниот фонд со цел наменско користење на доделените средства и начинот на вршење на увид во користењето на овие средства“, се посочува во законското образложение.

Институтот за човекови права и Здружението на граѓани за поддршка на лицата со посебни потреби „СОЛЕМ“ го поздравија Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за вработување на инвалидни лица во насока на намалување на можни злоупотреби на Посебниот фонд со доуредување на постапката за доделување на средствата од Посебниот фонд со цел наменско користење на доделените средства и начинот на вршење на увид во користењето на овие средства.

Меѓутоа, посочуваат Институтот и Здружението, за исполнување на оваа цел и за целосно вклучување на лицата со посебни потреби на пазарот на трудот потребни се посуштински измени и подетален и сеопфатен пристап на проблемите. Во врска со предложените законски измени Институтот за човекови права и Здружението на граѓани за поддршка на лицата со посебни потреби „СОЛЕМ“ објавија и коментари за подобрување на законските измени.