Клиниката за Гастроентерохепатологија и „Хепар центар“ – Битола, по повод Светскиот ден за борба против хепатитисот, започнаа заедничка национална кампања за бесплатен и анонимен скрининг за хепатитис Б, хепатитис Ц и за ХИВ, како и еластографија за хронични црнодробни заболувања.

-Со цел да се промовира проактивен мониторинг на здравјето, лекари од Клиниката за Гастроентерохепатологија извршија бесплатен скриниг на граѓаните за хепатитис Б, хепатитис Ц и за ХИВ, како и ултразвучен преглед (фиброскен на црниот дроб) за проценка на функцијата на црниот дроб, во разни градови низ државата.

Во оваа кампања беа прегледани околу 800 граѓани, а во план е да се продолжи и со скрининг на ризичните групи на лица како што се здравствени работници, зависници и дијализни пациенти – информираат од Клиниката за гастроентерохепатологија.

Од Клиниката за гастроентерохепатологија потенцираат дека собено е важно редовно следење кај овие пациенти со цел рано откривање на хепатоцелуларен карцином, една од најчестите и најсмртоносните форми на рак на црниот дроб. Токму поради ова, рутинскиот скрининг, со помош на најновите дијагностичките техники како што е фиброскенот е клучно за навремена детекција и третман на можните компликации од хроничните црнодробни болести.

Инаку, за потсетување бесплатниот скрининг за хепатитис Б,Ц и еластографија за хронични црнодробни заболувања се организира во соработка со Министерството за здравство, Клиниката за гастроентерохепатологија и „Хепар центар“ – Битола, започнувајќи заедничка национална кампања за бесплатен и анонимен скрининг за хепатитис Б, хепатитис Ц и за ХИВ, како и еластографија за хронични црнодробни заболувања, која се реализира во десет градови во државата.

Целта на кампањата е подигнување на свесноста за црнодробните болести, како што се црнодробен карцином, замастување на црниот дроб од алкохолна и неалкохолна природа, цироза и ретки болести на црн дроб.
Во рамки на оваа кампања голем дел од граѓаните имаат можност да го откријат нивниот статус.

Според информациите од Клиниката за гастроентерохепатологија секојдневно во светот умираат околу 3.400 луѓе како последица на хронична инфекција со хепатит.