Скопје и натаму високо котира на листата на најзагадени градови во Македонија. Високите концентрации на ПМ10 честичките достигнуваат и до повеќе од десет пати од дозволеното.
Според Светската банка во студијата „Зелен раст“ процени дека Македонија е на прво место на листата за изложеност на граѓаните на загаден воздух со цврсти честички. Земјата е и на петто место според годишните смртни случаи предизвикани од загаден воздух. Поточно, според Светска банка аерозагадувањето во Македонија убива 1.350 луѓе годишно, а македонската економија трпи штети од 253 милиони евра како резултат на високиот број случаи на прерана смрт, трошоци во здравството, намалената продуктивност на населението и отсуството од работните места на граѓаните. Децата се најосетливата група на сите загадувања од животната средина, а пред сè од аерозагадувањето, посочуваат од Институтот за јавно здравје.
„Пред сè затоа што имаат организам во развој, затоа што имаат позабрзано дишење и поголема глад за воздух од возрасните и затоа што се немоќни што било да сменат. Значи ги чекаат нашите акции и политики. Така што, бројни се последиците од аерозагадувањето по разни делови на организмот, а кај децата фокусот е врз белодробниот систем“, велат тие.
Чистиот воздух претставува еден од клучните елементи за здравјето, не само на децата, туку и на возрасните.
Освен врз респираторниот систем, загадениот воздух, влијае и врз целиот организам и може да се јават главоболки, поспаност и малаксаност. Анализата на Институтот за јавно здравје покажува дека околу 50% од децата кои побарале лекарска помош имале респираторни проблеми. Што значи дека респираторните проблеми кај децата се најзастапени и се наоѓаат на првото место на табелата. Месеците декември, јануари и февруари се со највисоки стапки додека јуни, јули и август со најниски стапки на болни.