Сите млади лекари кои дипломирале и се стекнале со лиценца, 6 месеци ќе бидат вработени и со просечна лекарска плата во служби за брза помош, превентивни пунктови и домашна посета. На огласот од Министерството за здравство досега се пријавиле 44 доктори од кои повеќето сакаат да работат во главниот град. Надлежните најавуваат во иднина наместо половина година вработувањето на овој кадар да биде на неопределено време.
Само празни ветувања докторите се изнаслушаа, се ветуваше и 100 илјади денари плата, па ништо од тоа.
Младите доктори најмногу сакаат да работат во Скопје. Од 44 те пријавени лекари на јавниот повик од министерството за здравство, повеќето навеле дека 6 месечната платена работа сакаат да ја поминат во скопската Брза Помош, вакциналните пунктови и службата за домашна посета. Здравствените власти дополнително ќе одлучуваат дали сите ќе останат во главниот град, или, пак ќе работат во здравствените домови во местото на живеење.
-Реално, во Скопје во Здравствениот дом има најмногу потреба од засилување на кадарот. Но ќе видиме како ќе оди прераспределбата. На оние кои сега полагаат за лиценца, оваа работа ќе им биде услов за специјализација, вели Венко Филипче, министер за здравство.
Здравствените власти најавуваат вакви огласи и за медицински сестри. Овие мерки се должат на егзодусот на лекарскиот кадар но и средно медицинскиот персонал кои за поголеми плати заминуваат на работа во европските земји.