Меѓу сите други работи за на училиште кои деновиве ги купуваат родителите пред почетокот на новата учебна година, тие мора да издвојат пари дури и за тоалетна хартија која нивните деца ќе ја користат додека трае наставата.
Иако цената на оваа хартија не е висока, училиштата, односно општините кои се нивни основачи, не ја набавуваат.
Таков е и примерот со општината Бутел каде при самото добредојде на првачињата на родителите им беа поделени листови со набавка на матријали за нивните дечиња, каде меѓу другото стои и тоалетна хартија и течен сапун. Набавката на тоалетна хартија, сапуни, бришачи за раце, антибактериски гелови, влажни марамчиња, формално не е задолжителна, но сепак речиси сите родители ова го обезбедуваат на почетокот на секоја учебна година.
Во некои училишта, освен по околу 500 денари по дете за одржување лична хигиена, дополнително се собираат заеднички пари и за прибор и материјали кои се користат во текот на наставата.
– Средствата за лична хигиена родителите си ги купуваат за нивните деца, кога одат во тоалет да си имаат. Главно секој родител си е подготвен да си го обезбеди своето дете. Ако мајката сака детето да ѝ користи влажни марамчиња, тогаш купува. Но, имаме проблем со влажните марамчиња, ни се запушува често канализацијата од нив, децата ги фрлат во тоалетите. Тоалетна хартија исто така си набавуваат самите, а течен сапун набавува училиштето. Средства за одржување хигиена во просториите во училишето набавува општината – вели Бистрица Станковска, директорка на училиштето „Гоце Делчев“ во Лисиче.
Зошто градоначалниците не обезбедуваат тоалетна хартија за училиштата, наместо тоа да го прават родителите?
Велимир Смилевски, градоначалникот на општина Бутел, вели дека не се работи за тоа дека нема пари, туку дека средствата за хигиена се крадат.
– Не купуваме тоалетна хартија затоа што ја крадат. Ако видат дека има, се маваат со неа. Дополнително, се случува да паѓа на подот, па и од хигиенски причини нема хартија во училишните тоалети. Ние како општина купуваме сапун и средства за одржување на хигиената во училиштето. Но, за влажни марамчиња, антибактериски гелови, бришачи и слични средства – тоа е желба на родителите, тие самите тоа го набавуваат, никој не им наложува – вели Смилевски.
-Не е точно, постојат барања, кои наставничките ги презентираат, доставуваат до родителите и ги означуваат со степен на важност МОРАЛНО. Тоа се барања на листа кои се доставуваат пред родителите кои наставниците ги доставуваат, кои учителките ги делат на родителите и тие се реални барања и при тоа никој не посочува дека може без нив, туку се посочува дека истите се морални и облигаторни. Така да тоа не се листи на желби на родителите како што посочува градоначалникот на Бутел, Велимир, тоа се барања упатени кон родителите во кои меѓу другото стои дека треба да си набават тоалетна хартија и течен сапун, но тој тоа никаде не го споменува – вели изреволтиран родител после родителската средба во ОУ Панајот Гиновски
Ова е потполно истата ситуација како во клиниката за детски болести кога министерот Филипче, не набавуваше течен сапун и тоалетна хартија за децата кои лежеа на клиниката, па нивните родители ја имаа таа обврска тоа да го набават. Не станува збор за тоа дека никој не им го наложува тоа на родителите, едноставно родителите се притеснети во ќош, немаат друга алтернатива и го даваат тоа што се бара од нив, а при тоа градоначалникот на Бутел, Смилевски меѓу другото како и министерот Венко во минатото демонстрираат максимална негрижа за дечињата на своите сограѓани односно пациенти.
Во Министерството за образование и наука (МОН), велат дека училиштата добиваат средства од државата преку блок-донациите, кои им се префрлаат на општините од државниот буџет.
– Тоа се пари кои служат за нормално реализирање на воспитно-образовниот процес и за тековното функционирање на училиштата. Родителите немаат никаква обврска да вложуваат средства во училиштата за набавка на опрема, хартија, за поставување на физичко обезбедување. Напротив, доколку тоа им се наложува како обврска, можат да пријават во Државниот просветен инспекторат. Исклучок се ситуациите во кои самите родители, преку советот, односно училишниот одбор носат одлука да донираат средства за одредена намена – појаснуваат во Министерството.
Пред почетокот на учебната година, наставниците им даваат списоци на родителите со потребните работи кои треба сами да ги набават. На списокот покрај мрсни, темперни, дрвени, водени боици, тетратки, линијари, гуми, острилки, фломастери, колажи, блокови, пластелин, глина секако има и влажни марамчиња, течен сапун, тоалетна хартија и секако 1 топ хартија за печатење по дете. Ако министерството дава дел од средствата на училиштата и ги помага зошто тогаш се бара од родителите да купуваат дел од работите за училиштето? Има ли некој надлежен кој ќе поведе евиденција и ќе го провери сето ова? До кога градоначалниците и директорите заедно со наставниците иако земаат пари од МОН сепак дел од потребите ќе ги обезбедуваат преку грбот на родителите? Ова е тоа модерно школство и образование кое го ветуваше оваа власт и влада?