На сите ни е познато дека зголеменото ниво на „лош“ (LDL) холестерол и висок крвен притисок се закана за здравјето на срцето. Но, кога станува збор за здраво срце, не смеат да се заборават и триглицеридите, бидејќи се важен показател за здравствената состојба на овој витален орган.
Триглицеридите се масти, неопходни за одржување на човечкиот живот, кои ги има во храната која секојдневно ја консумираме. Кога јадеме, вишокот калории кои телото не ги користи веднаш, ги претвора во триглицериди. Триглицеридите се складираат во масните клетки во телото, во случај да му бидат потребни подоцна, при дефицит на храна.
Колку и да се корисни триглицеридите за нашето тело, високата вредност може да го влоши здравјето, затоа што може да доведе до атеросклероза која го зголемува ризикот од срцев удар, мозочен удар и кардиоваскуларни заболувања.
Што го предизвикува високото ниво на триглицериди во крвта?
Нивото на триглицериди зависи пред сè од начинот на живот, исхраната и внесените калории. Постојат одредени фактори кои ја зголемуваат веројатноста за растење на вредноста на триглицериди во крвта. Еве кои се тие:
- Дебелината, особено во пределот на стомакот;
- Хипотироидизам – намалена функција на штитната жлезда;
- Често внесување повеќе калории отколку што се трошат;
- Прекумерно консумирање алкохол;
- Болести на бубрезите и џигерот;
- Неконтролиран дијабетес;
- Возраста. Со напредувањето на годините, бавно се зголемува нивото на триглицериди;
- Физичка неактивност.
Во ретки случаи оваа состојба може да биде наследна.
Кое е нормалното ниво на триглицериди?
Крвната слика може да ви ја открие вредноста на триглицериди во крвта. Не треба да јадете 8-12 часа пред самиот лабораториски тест. Еве кои вредности се нормални, а кои укажуваат дека треба да направите значајни промени во начинот на живот:
- Нормална вредност: помалку од 150 mg/dL (помалку од 1,7 mmol/L)
- Покачена вредност: 150–199 mg/dL (1,7–2,3 mmol/L)
- Висока вредност: 200–499 mg/dL (2,3–5,6 mmol/L)
- Многу висока вредност: 500 mg/dL и нагоре (5,7 mmol/L и нагоре)
Се препорачува секое лице над 20-годишна возраст да си прави крвна слика барем еднаш на 5 години.
Како да ги намалите триглицеридите во крвта?
Не паничете веднаш ако откриете дека имате високо ниво на триглицериди или премногу масти во крвотокот. Добрата вест е што во голема мера можете да си ја подобрите крвната слика преку здрави промени во начинот на живот. Еве што можете да направите за да ги вратите триглицеридите во нормала на природен начин:
- Одржувајте здрава тежина. Прекумерната тежина, особено дебелината во пределот на стомакот, може значително да ја зголеми вредноста на триглицеридите. По намалување на тежината со само 5-10% може да се забележи снижување на триглицеридите.
- Ограничете го бројот на внесени калории. Вкусната роденденска торта, омилената пица или зачинетиот чипс пред спиење можеби ви изгледаат примамливо, но тие несомнено водат до покачени триглицериди. Не заборавајте дека вишокот калории се претвораат во триглицериди и се складираат во телото како масти. Намалувањето на внесените калории за 300 дневно може да го намали бројот на триглицериди за 23%.
- Заменете го меленото месо со риба. Најголеми виновници за високо ниво на триглицериди се слатките искушенија богати со шеќер и храната богата со заситени масти како преработеното црвено месо. Поради тоа, кај лицата со зголемена вредност на триглицериди не се препорачува консумирање на производи како мелено месо, паштети и колбаси. Следниот пат кога треба да изберете какво месо да ставите на трпезата, изберете риба наместо свинско. Со тоа ќе го нахраните телото со масти кои се здрави за срцето.
- Редовно консумирајте храна богата со омега-3 масни киселини, како риба и ленено семе. Омега-3 масните киселини не само што се здрави за вашето срце, туку и можат да ви помогнат во борбата со триглицеридите. Рибата, оревите, лененото семе и лененото масло се одлични извори на омега-3 масни киселини. Јадете риба најмалку двапати седмично. Се препорачува консумирање на лосос, сардина и езерска пастрмка.
- Ограничете го количеството на консумиран шеќер. Ако имате покачено ниво на триглицериди, контролирајте ја желбата за слатко. Препорачливо е да избегнувате храна направена со додаден шеќер, како торти, колачи, тврди бонбони и сладолед. Внимавајте колку шеќер ставате за засладување на пијалаците како кафе и чај или на јадењата кои ги приготвувате. Научете да читате етикети за да го пронајдете скриениот шеќер во производите. Секогаш избирајте гуми за џвакање без шеќер.
- Внесете умерена физичка активност во вашето секојдневие. Умерената физичка активност во пет или повеќе денови од седмицата може да ви помогне да го намалите нивото на триглицериди во крвта за 20-30%. Тоа не мора да биде интензивен фитнес тренинг, туку можете да изберете 30-минутно пешачење со умерено темпо. Физичката активност е особено важна и за одржување на здрава телесна тежина.
- Фрлете ги цигарите. Откажувањето од оваа штетна навика може да ви го намали бројот на триглицериди. Имајте предвид дека победата над овој порок значи и подобрување на нивото на „лошиот“ холестерол и намалување на ризикот од многу други болести предизвикани од пушењето.
- Задолжително намалете го алкохолот, а доколку нивото на триглицериди е премногу високо, целосно откажете го. Додека антиоксидансите во црвеното вино можат да ви го намалат холестеролот, прекумерното консумирање алкохол е една од основните причини за високо ниво на триглицериди. Пиењето на повеќе од една чаша алкохол дневно кај жените и повеќе од две кај мажите, може значително да го зголеми бројот на триглицериди. Кај некои луѓе дури и најмалото количество алкохол може да ги покачи триглицеридите, па доколку крвната слика покажува премногу висока вредност, целосно откажете го алкохолот.
- Заменете ги газираните пијалаци и овошните сокови со поздрава варијанта. Одолејте им на газираните пијалаци, а овошните сокови заменете ги со 100% природни сокови, но не претерувајте со нивно консумирање. Соковите негативно влијаат врз нивото на триглицериди. Најдобрата варијанта е да преминете на чаеви и негазирана вода за да ја изгаснете вашата жед.