Мобилна аптека за жителите кои се тешко подвижни и имаат потреба од хронична терапија, како и за оние што живеат во руралните и одделечени места околу Битола, најави денес министерот за здравство Венко Филипче по посетата на Здравствен дом и Клиничката Болница во Битола. Тој рече дека комплетно е реновиран здравствениот дом во делот на итна медицинска помош, реновирани се собите за едукација, за прием на итни случаи и за медицинските сестри и медицинскиот персонал, и сите возила се во функција.
„Освен инфраструктурата, од пред некое време функционира систем во кој матичните лекари се вклучени во дежурствата, во сабота. Сега ќе разговараме да се вклучат и во недела, која е проблем како неработен ден, да се вклучат во системот за итна помош. Тоа што го решаваме во моментот, и се надевам дека во наредните неколку недели ќе биде во функција во Битола и околните места, покрај патронажните служби во функција да се стави и мобилната аптека и на оние граѓани кои се хронично болни и тешко подвижни, како и оние што живеат во поодалечените места, место да доаѓаат во Битола лековите ќе им бидат доставувани дома“, рече Филипче.
Во Здравствниот дом во Битола има триесетина нови вработувања, а до крајот на годината на уште десетина треба да им се трансформира работниот однос. Во Клиничката болница во Битола има 134 нововработени, а се работи на ставање во функција и на акцелераторот за терапија на малигни заболувања. За болницата направен е и проект за темелна реконструкција на амбулантно-поликлиничкиот дел во соработка со Институтот за трансфузиона медицина.
Директорот на болницата Зоран Лазаров вели дека се реновира одделот за дерматовенерологија, амбулантите и болничкиот дел, набавени се нови апарати и опрема, од кои дел од сопствени средства, а дел од донации.