Германската „Вамед“ и француската „Бујгес констракшн“ се најсериозните кандидати за изградба на новиот Клинички центар. Четирите компании кои се влезени во претквалификациската фаза се од Франција, Германија, Италија и Холандија, а се работи за фирми кои долги години се занимаваат со градежништво.
Германската „Вамед“, која на пазарот постои 30 години, може да се пофали со изградба на повеќе клиники во светот, меѓу кои и регионална болница во Красондар, Русија, клиника во Келн, Германија како и општата болница во Бијелина, Босна и Херцеговина.
Француската „Бујгес констракшн“ пак, која се занимава со градежништво повеќе од четири децении, на својата веб страна има прикажано 6 клиники, но и градби како француската филхармонија. И оваа компанија, како „Вамед“ може да се пофали со градежни активности во повеќе земји во светот.
Во следната фаза влегуваат токму овие две компании. Министерството за здравство најпрво ќе влезе во дијалог со нив, а потоа следува и поднесување на конечни понуди, со што конечно ќе се знае која од двете фирми ќе го гради клиничкиот центар.
По објавувањето на тендерот, македонските фирми се жалеа дека со условите кои ги дава Министерството за здравство, се дава можност само на странските компании да конкурираат, бидејќи еден од условите беше фирмата и претходно да има градено ваков или сличен објект.