Во согласност со податоците од Светската здравствена организација, ракот на дојката е најфреквентен тип на рак кај жените во светот, во Европа е со инциденца од 500.000 случаи годишно, а процената е дека во Северна Македонија, според истражувачката агенција „Глобокан“, во 2019 година ќе има околу 1.200 ново дијагностицирани случаи годишно, од кои околу 850 само во државните клиники, соопштија од Здружението за борба против ракот на дојка „Борка“. Тоа значи дека секој ден во нашата држава ќе се дијагностицираат по три до четири жени од овој малигном.

Според податоците на Фондот за здравствено осигурување, во 2018 година во јавното здравство се реализирани 986 болнички третмани на пациенти со дијагноза карцином на дојката. Од нив, 756 биле хируршки третирани, а другите 230 конзервативно.

Во европски рамки 20-30 отсто од случаите на рак на дојката се јавуваат кај жени помлади од 50-годишна возраст, а 33 отсто кај жени од 50 до 64-годишна возраст. Карциномот на дојката е најчестиот тип на канцер кај жените, а смртноста од овој вид карцином е на прво место кај жените.

„Според СЗО, во земјите каде што има имплементиран скрининг, морталитетот може да се намали до 35 отсто, во нашата земја беше почнат скринингот, но во овој период се реоформуваат групите и дијагностичките места, со оптимизам дека набргу ќе почне да функционира бидејќи раната дијагностика спасува живот“, велат од „Борка“.

Овие податоци беа изнесени на дванаесеттата годишна национална конференција за рак на дојката, која се одржа со мотото „Има живот и по ракот, научи како да го живееш“, на која исто така беше презентирана новата иновативна терапија составена од биолошките лекови, од неодамна присутни и во нашата земја. И оваа година од говорниците беше испратена силна порака до сите жени дека превенцијата, раното откривање и редовните прегледи е основниот и првиот чекор во борбата против ракот на дојката.

„Набавката на иновативната биолошка терапија, што се практикува веќе насекаде, претставува значаен чекор и најсилниот удар во борбата против ракот, вклучително и ракот на дојката. Со централизирана набавка се обезбедени над 30 молекули скапа биолошка терапија, која не е на позитивната листа на лекови, за да им биде достапна на пациентите во болниците. Достапноста на иновативната терапија значи можност пациентот навреме да добие соодветна дијагноза, третман и грижа за своето заболување. Се внимава и се воведуваат најсовремените дијагностички и терапевтски пристапи, како двојното читање на мамографиите од два независни читача – радиолози што имаат искуство во читање мамографии од минимум 800 пациенти, а мамографскиот скрининг се организира во согласност со европските насоки за обезбедување квалитет со цел максимално да се зголеми стапката на детекција на ракот на дојката и тоа во најраната можна фаза“, истакна министерот за здравство, Венко Филипче.

Претседателката на Здружението, Биба Додева, рече дека достапноста до новите ефикасни терапии кои даваат можност за излекување овозможуваат подобар квалитет и им го продолжуваат животот на пациентите.