Татковците во Македонија се соочуваат со апсурд и дискриминација. Во време кога се зборува за еднаквост помеѓу половите и за рамноправност помеѓу мажите и жените, мажите доживуваат дискриминација по основ на родителско право.

Нивното татковско право е доведено во прашање во моментите кога им се најпотребни на нивните деца, во време на болест. За проблемите со кои голем број татковци се соочуваат досега малку се зборуваше, но по потресното сведоштво на двајца родители, од Скопје и Берово, одлучивме да ја отвориме оваа тема.

– Пристапот на татковците на Детската клиника во Скопје е строго ограничен само за дневна посета, додека ноќите на клиниката се строго забранети и резервирани само за мајките – со овие зборови го почна сведоштвото М. Митровски од Скопје.

Тој и неговата сопруга биле принудени да потпишат дека на своја одговорност не дозволуваат нивната ќерка да остане во болница.

– Мојата сопруга поради сериозни здравствени проблеми не беше во можност да го придружува нашето дете во болница. Затоа прашав дали може јас да бидам со ќерка ми додека прес

тојува на Детската клиника, но ме одбија и при тоа ни дадоа да потпишеме документ дека не сакаме да го оставиме детето во болница. Го потпишавме документот, а потоа десет дена го носевме детето на терапија – објаснува Митрески.

Слична ситуација ги снашла и родителите на 4-годишниот Давид од Берово. Имено, по само пет недели од раѓањето на нивното второ дете, Давид се разболел и требало да биде хоспитализиран на Детската клиника во Скопје. Бидејќи мајката не можела да го остави новороденчето само, прашале дали може таткото да биде со него за време на болничкиот престој, но биле одбиени.

– Како може да Ве ставам во иста соба со другите жени, тие сакаат приватност – ми рече докторката со остар тон. Кога се обидов да објаснам дека не ме интересираат другите жени и дека само сакам детето да ми оздрави, добив одговор дека во болничките соби има и муслиманки, на кои религијата не им дозволува да бидат во иста просторија со други мажи, по шт

о останав без аргумент – раскажува 33-годишниот Дејан од Берово.

Дали има вистина во овие сведоштва одговор побаравме од директорката на Детската клиника, д-р Катерина Ставриќ,

која ни рече дека и во моментот на нашиот разговор на Клиниката има присутни татковци, без да прецизира колкумина и дали таму ќе ја поминат ноќта.

– Половина од пациентите на Клиниката се доенчиња, а две третини се на воздраст под три години. Природно е со нив да биде мајката – ни рече директорката Ставриќ.

Дека е точно тврдењето на родителите потврди и директорката која вели дека поради приватност на мајките, не е пријатно во иста соба со нив да спијат и татковци.

– Жените, а и нивните сопрузи не сакаат во иста просторија да бидат со други мажи. Сепак, тие ги дојат доенчињата и чувствуваат непријатност. Од друга страна, немаме капацитет да ги одвоиме татковците во посебна просторија – додаде Ставриќ.

Сепак, во Македонија има многу деца чии мајки се починати. Во тој случај на самохраните татковци не им останува ништо друго освен да ги повикаат бабите, тетките, стрините или вујните на бебињата.

– Децата чии мајки за жал починале набрзо по породувањето, се во придружба на нивните женски роднини. Татковците во таква ситуација, дури и не изразуваат голема желба да бидат со бебињата, бидејќи не знаат како да одговорат на нивните барања – дополнува Ставриќ.

Дали простории за татковци ќе се градат во новиот клинички центар прашавме во Министерствотро за здравство од каде кратко добивме одговор дека во ниту една европска држава нема такви простории, и дека во болничките соби на децата, татковците не треба да бидат издвоени во посебни простории.

Болниците во Австрија, Белгија и Норвешка татковците ги сметаат за рамноправни со мајките.

– Во болничките соби во Австрија е вообичаено да се сретнат и татковци, исто колку и мајки – објаснува Ленка, која 25 години работи во болница во Виена.

Скопјанката Славица која веќе 7 години живее во Осло, Норвешка, покажува дека во оваа балтичка земја никогаш немало проблем таткото да присуствува во болница со своето дете.

„Во Норвешка е многу важна еднаквоста меѓу половите, и никогаш не се случува таква дискриминација. Таткото е еднакво важен колку и мајката, па дури и во породилното боледување каде 1/3 од деновите на породилно боледување му се доделени на таткото. Никогаш не сум ни размислувала за тоа дека може да има било што проблематично во тоа таткото да биде дел од секој аспект на воспитување и поддршка на сопственото дете- вели Славица.

Дури и во соседна Србија, работите се поразлични од кај нас. Од Центарот за здравство во Врање добивме одговор дека предност имаат мајките, а потоа татковците, но никако не се дискриминирани и имаат право на престој со своите деца во болница.