Исхраната во која не се застапени намирници богати со витамин Д може да доведе до оштетување на мозокот, покажуваат резултатите од студијата направена на Универзитетот во Кентаки. Лидерот на истражувачкиот тим, Ален Батерфилд, истакна дека новите откритија покажуваат колку е важен витаминот Д за сите органи и ткива, а особено за мозокот.
Резултатите од студијата направени на стаорци посочиле дека оние кои во исхраната немале доволно од овој витамин веќе по неколку месеци имаат оштетување на мозокот, што е потврдено со лошите резултати на тестовите за учење и памтење.
„Бидејќи недостатокот на витамин Д е распространет меѓу постарите лица, истражувавме како нивото на овој витамин влијае на мозокот, од средни години до длабока старост“, изјави Батерфилд.
Во делови од светот каде храната не е секогаш најквалитетна и изборот на храна е оскуден, нивото на витамин Д кај просечен човек е обично ниско, особено кај постарата популација.
Оваа вредна состојка ја има во млекото и млечните производи, морската риба (лосос, туна, сардини, харинга), рибино масло, жолчка од јајце, лушпа од какао, црн дроб.