Пристапот до лекови е редовен во текот на целиот месец, велат граѓани по укинувањето на квотите на лекови во октомври. Но и натаму има пациенти на кои им е потребно дополнително да се зголеми буџетирањето од Фонодот посебно за скапите лекови.
По два месеци од укинувањето на квотите на лековите и воведување на електронскиот систем нема поплаки од граѓаните дека не може да го најдат лекот за кој добиле рецепт од матичниот лекар.
Во аптеките повеќе ги нема сликите од изминатите месеци кога имаше турканици од луѓе на почетокот од месецот кога осигурениците најмногу ги подигаат лековите затоа што по десетина дена често се случуваше да ги нема лековите на рецепт и ги купуваа приватно.
Пристапот до лекови е редовен во текот на целиот месец, ни рекоа некои од граѓаните на Скопје.
„95 проценти ги наоѓам лековите, само капките против глауком од “Алкалоид” ги нема, инаку се друго наоѓам, но има замена. Имаше пред тоа проблеми до 5 ти- 6 ти во месецот ги има, а потоа нема. Сега во секое време има лекови, нема турканица, нема проблеми. Сега некој лек фали, за мене како што кажав, само капки за глауком ми фалат, изгледа не ги произведуваат или увезуваат навреме од Алкалоид, еден период го има, па потоа пак го нема.“
„ Подобрена е ситуацијата, еве излегувам од аптека во центар, нема гужва побрзо се завршува работа и задоволна сум. Претходно имаше малку повеќе гужва, се случуваше по 10-ти да нема од лековите кои јас ги користам. Еве овој месец се среди, јас сум задоволна“. ни изјавија дел од анкетираните граѓани.
Инаку беше најавено и дека пациентите од октомври кога стартуваше укинувањето на квотите треба да си носат и документ за лична идентификација при подигнување на лекот, но граѓаните кои ги прашавме ни рекоа дека не им побарале лична карта, иако во апеките велат дека тоа е дел од новата пракса.
“Не лична карта не побараа како и досега што беше рецептите ги подадов и бев услужена. Имам лекови кои секој месец ги земам и ќерката ми некогаш ми ги зема, само со рецепт. Кога слушнав за лични карти ми беше малку понапнато, но сега се исто тече и задоволна сум”.
“Вчера ги подигнав не ми побараа лична карта, само рецептите” ни рекоа некои граѓани.
Фармацевти од повеќе аптеки велат дека со новите правила повеќе нема редици од луѓе на почетокот од месецот и дека редовно се снабдени со лекови од Фондот. Дел од нив се изненадени што немаат фреквенција од пациенти како порано кога висината на дозволената квота од Фондот беше различна од аптека до аптека. Тие дополнуваат дека пацентите се информирани дека треба да носат документ за лична идентификација при подигање на лекот, иако некои велат дека има и граѓани кои регираат со чудење кога ќе им побараат лична карта.
“Пациентите ни приложуваат лични карти при подигањето на лековите. Лицата кои подигаат лекови за болни или изнемоштени лица ни доставуваат нивни лични карти”, вели фармацевтка која сакаше да остане анонимна.
Оваа мерка беше чекор за острaнување на злопотребата на лекови.
Фондот за здравствено осигурување има само делумни податоци за потрошувачката на лекови на рецепт, по ослободување на квотите на аптеките во целата земја што стартуваше во октомври. Директорот на Фондот за здравствено осигурување Даниел Дончев деновиве рече дека од податоците кои сега ги имаат има благо зголемување на потрошувачката на лекови и дека имало засилени теренски контроли за да се провери дали секој рецепт е валиден.
Премиерот Зоран Заев рече дека биле увидени одредени девијантни појави, кои се веќе отстранети и испрати порака сите да го почитуваат законот.
“Ако го почитуваат законот Фондот со мало зголемување на буџетските пари може целосно да ги ослободи квотите. Обезбедени се доволно средства за оваа мерка, а денес директорите на Фондот соопштија дека се зголемуваат средствата за одредени лекови, како и за скапите лекови“, рече Заев деновиве.
Пациенти бараат буџетирање од Фондот за скапи лекови
Но, иако состојбите на пазарот со лекови се подобрени има луѓе кои ни кажаа дека е потребно дополнително да се зголеми буџетирањето од Фонодот, посебно за скапите лекови кои не се на позитивната листа. За некои од нив пак останува нејасно зошто во меѓувреме, е зголемена и партиципацијата за некои лекови во висина од приближно 100 денари, а пациентите не се известени.
„Јас тоа што го користам го користам приватно зашто лекот “метротраксат” и тие за реуматоиден артрид не одат на рецеп. Скапи се, “етротраксатот” е 600 денари. Другите лекови од странство се 20 евра, така што доста пари се даваат за лекови. Не се на позитивна листа. Тоа масовно е проблем што го имаме сите ние со реуматоиден артрит. Зошто не се на позитивна листа не знам?“
„За лекот што редовно го земам партиципацијата е зголемена. Прашувам од кога, во аптека велат од пред некој месец. Тоа е најнова информација што ја имам за лекови. Јас користам “конкорд” за срце. Поскапен е лекот за 50 денари. Претходно партиципацијата беше 150, а сега е 200 денари. Инаку не ми се случуваше порано да го нема , или јас сум одел навреме да го подигнам“, ни изјавија дел од граѓаните.
Нерационалното трошење на лекови е минато?
Инаку здравствени власти деновиве истакнуваат дека по укинувањето на квотите секој пациент е снабден со лекови согласно реалните медицински потреби, без да прават залихи на лекови во нивните домови.
Многу граѓаните во изминатиот месеци со години наназад се жалеа дека состојбата е критична и дека на средина на месецот речиси и да немаше антибиотици, а некои лекови ги немаше уште од почеток на месец.
По дистанца од два месеци една скопјанка ни изјави дека се уште има залихи од лекови и затоа се уште не отишла во аптека да си подигне нови.
„Не сум земала ништо три месеци зашто имам дома резерви“ ни изјави анкетирана граѓанка.
Во изминатиот период честиот недостиг на лековите од позитивната листа, упатените го објаснуваа како последица на неколку проблеми од кои дел се од економска природа, додека други беа последица на проблеми со нерационално трошење на лекови.