Проблемите на жртвите на сексуално насилство не завршуваат со пријавувањето во полиција. Тие се соочуваат со недоволна информираност на полициските и здравствените службеници, немање 24 часовна услуга, проблеми со земање на докази поради недостигот на судски вештаци кои излегуваат на терен, како и недоволната видливост на центрите за помош.
Во Македонија има три центри за упатување – Скопје, Тетово и Куманово. Тие се резултат на ратификацијата на Истанбулската конвенција, но според Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет, следниот чекор е да им се даде до знаење на жртвите дека постои некој што може да се погрижи за нив и што може да очекуваат ако пријават насилство.
Токму затоа денеска, заедно со Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство одржаа настан во Граѓанскиот ресурсен центар со кој побараа подобрување на информираноста на пошироката јавност за постоењето и работата на центрите за упатување жртви на сексуално насилство.
Нада Тофоска, координаторка на Центарот за жртви на сексуално насилство во Скопје, ги сподели искуствата со кои се соочуваат при работата во центарот. Таа посочи дека треба да се унапреди меѓусекторската соработка, да се планира одржливоста и доопремувањето на Центарот, како и да се изменат позитивните прописи со цел унапредување на процедурата. На пример, обучен лекар да може да земе докази за форензика без налог од јавен обвинител, намалување на обемот на разговори на жртвата од полициски службеници.
Координаторката за еднакви можности во Министерството за здравство, Нермина Факовиќ, изјави дека речиси година дена од отворањето на центрите, се уште се соочуваат со неинформираност за нивното постоење.
„Ова не е проект туку обврска на државата“, нагласи таа, посочувајќи дека услугите во центрите се целосно бесплатни, а жртвата не мора да има со себе какви било документи или средства. Министерството, соопшти таа, заедно со ХЕРА прави анализи и за отворање и на други вакви центри во сите плански региони.
Наташа Станојевиќ, директорка на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, потсети дека порано со жртвите постапуваа дежурните тимови, но сега постои посебен оддел, со мешан стручен тим кој е достапен 24 часа, а постојат и специјално опремени простории за работа со деца.
Станојевиќ посочи дека е зголемен бројот на жртви на семејно насилство, но тие ретко пријавуваат дека паралелно биле и сексуално злоупотребувани од брачниот партнер. Во однос на потребите за подобро функционирање, таа нагласи дека недостига повеќе кадар и дека е мал бројот на стручни едуцирани лица.
Сепак, сексуалното насилство и неговите облици се едни од најмалку пријавуваните случаи на насилство, особено кога станува збор за силување во брак или од страна на интимен партнер, посочи Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
Според Димушевска, силувањето е кривично дело, но согласноста мора да се вклучи во Кривичниот законик и да биде единствен критериум за сексуалниот чин да се кваливикува како силување. Во однос на стигмата врз жртвите, која е особено изразена во помалите средини, таа посочи дека сторителот, а не жртвата, е тој што треба да биде обележан и да се санкционира.
Розалита Дојчиноска, полициски советник во Биро за јавна безбедност при МВР, нагласи дека важна е и превентивната работа, дека мора да се работи со граѓаните кои живеат во систем кој според неа, се уште е патријархален и дека треба да се подигне свеста дека зборот ,,НЕ’’ значи „НЕ“. Таа информира дека се работи на сензитивизација на полициските службеници, бидејќи како што вели, првиот контакт е најзначаен и мора да се постапува внимателно.
На настанот се обрати и директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, Викторија Јовановска, која нагласи дека неколку месеци по ратификацијата на Истанбулската конценција, државата воспоставила центри каде е обезбеден интегриран и целосен одговор на жртвите.
На Клиниката имало обуки за 40 вработени за клинички третман на жртвите во кризни состојби.
„Во првите најранливи и емотивни моменти, жртвата е третирана од стручен персонал, кој е свесен дека сексуално насилство може длабоко да ја погоди физичката, ментална и социјалната состојба на жртвата, а постои и грижа за да се увери жртвата дека нејзината приватност ќе биде заштитена“, појасни Јовановска.