Со дополнителни пет милиони денари од државниот буџет за наредната година, при Министерството за животна средина, ќе биде акредитирана централна лабораторија, која ќе ги контролира загадувањата од разни извори. Ваквиот амандман на буџетот вчера ја доби поддршката од министерката за финансии Нина Ангеловска и од членовите на собраниската комисија за финансирање и буџет.
– Во лабораторијата веќе беа вложени средства за техничка опрема и за стручен кадар, но беше надвор од употреба поради што се користеа услуги на неколку приватни акредитирани лаборатории. Ова со право оставаше сомнеж во причините за недовршување на процесот за акредитација на една државна лабораторија, која ќе биде контролор за испитувањата за загадување од индустриските капацитети и од други извори – се вели во објаснувањето на овој амандман.
Со акредитирањето на државна лабораторија се очекува дека ќе бидат отстранети сомнежите за можни непринципиелни договори помеѓу одредени индустриски инсталации, приватни акредитирани лаборатории и претставници на институциите. Лабораторијата, според објаснувањето, ќе биде од посебно значење и за инспекторите за животна средина при вршење инспекциски надзор на терен и ќе придонесе за поголема независност и објективност на инспекциските контроли, а со тоа и за поефикасна заштита на животната средина и на здравјето на граѓаните.