Пациентите од Скопје реагираат дека дел од матичните лекари си заминуваат во пензија без никаква најава, па тие наидуваат на затворени ординации кога одат по рецепти или на преглед. Секој матичен лекар треба еден месец пред да замине во пензија или ако има други промени, да ги информира пациентите, стои во Договорот за работа со Фондот за здравство.

Од Здружението на приватни лекари на РМ објаснуваат дека често имаат вакви ситуации. Др. Лилиja Чолакова Дервишова, претседател на здружението, појаснува дека дел од лекарите кришум конкурираат за специјализации и даваат откази во ординациите каде се вработени и токму затоа не може да има претходна најава или пак се случува ненадејна смрт на лекарите пред да дочекаат пензија и пациентите не знаат дека остануваат без матичен лекар. Таа посочува дека ниту еден матичен не може да ги одјави во Фондот пациентите 30 дена пред пензионирање, бидејќи, во тој случај, нема да добие ниту плата за тој месец, па ќе нема ниту заработка, ниту за да ги плати трошоците.

Ако лекарот им најави дека ќе си оди, дел од пациентите може и веднаш да си го земат картонот и да се префрлат кај друг, а Фондот ќе ја избрише капитацијата за тој месец. Од тука произлегува дека сѐ е поврзано со парите, а ова мора да се регулира и да не биде на штета ниту на пациентите, ниту пак на лекарите.

Само во Велес има пет вакви случаи на матични лекари кои од примарното здравство заминале на специјализација. За овие недоразбирања помеѓу пациентите и лекарите да се надминат, од  Здружението предлагаат да има преоден период од еден месец.

Др. Чолакова Дервишова вели дека тој рок треба да функционира и кога лекарот е се уште на работа, но и 30 дена потоа да може медицинската сестра која останува да ги информира пациентите за промената или некој друг да ја превземе оваа обврска, бидејќи досега повеќето обврски се адресираат кај матичниот. Останува и прашањето дали докторот, кој треба да работи со пациентите и тој месец, треба по цел ден да се јавува на 900 или и на повеќе од 1.000 телефони, за да ги информира пациентите дека си заминува.

Ова се само дел од проблемите со кои се соочуваат и лекарите и пациентите, решението се уште го нема, а трпението се намалува.