Долговите меѓу клиниките го закочија процесот на нивно спојување во клинички центар со еден директор, како што функционираа пред 11 години. Овој процес Филипче го најави со самото седнување во министерската фотеља, но досега јавно не е презентиран ниту еден модел дали и како овие здравствени установи да работат под иста капа. Министерот за здравство вели дека имаат неколку предлог решенија, но за тоа ќе разговараат по референдумот со коалиционите партнери во Владата.

-Тоа го најавивме да, има неколку решенија од правен аспект, но во работните групи имаше и економисти кои ги работеа финансиите. Знаете со години клиниките функционираат како самостојни единици и имаат долгови меѓусебно и бараме начин како тоа да се реши. Значи има дилема околу тоа прашање, вели Венко Филипче, министер за здравство.

Според здравствените власти, интегрирањето на скопските клиники е со цел да ги намалат трошоците и да го подобрат нивното функционирање. Наместо 30 директори, исто толку управни одбори и комисии, да има еден главен менаџер и централизирани набавки на потребните материјали.

По промовирање на оваа идеја во декември минатата година, експерти излегоа со став дека само спојување на клиниките како во 2007 без никаква друга промена, повторно директорот нема да знае што се случува на Инфективна или на Детска, и повторно ќе има хаотична ситуација како во времето пред трансформацијата.

Во работната група формирана од Министерството, освен правници и економисти засега не се вклучени  и лекари од скопските клиники, кои се најзасегнати со прашањето за нивно интегрирање.